![Formula One Grand Prix of Monaco](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/05/6140337.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Возачот на тимот Ред Бул, Холанѓанецот Макс Ферстапен, победи на трката за Големата награда на Монако во класата Формула 1 во неделата и го презема водството во генералниот пласан.
Холанѓанецот профитираше од откажувањето на домашниот возач Шарл Леклер во последниот момент поради дефект на неговиот болид, имајќи предвид дека на уличната трка во Кнежевството минувањата се многу ретки и ризични.
Леклер избори најдобра стартна позиција на саботните квалификации и прв би ја започна трката во својот роден град. Но влезе во проблеми кога пред крајот на квалификациите се заби во заштитната ограда. Го оштети својот болид, кој првично го поправија во тимот на Ферари, но кога Леклер во неделата ги одвози пробните кругови пријави сериозен дефект, по што тимот од Маринело одлучи да не ризикува со учество во трката.
Со ова на Леклер му се продолжи низата пехови на трките во негвото Монако. Во 2017 година ја зазема пол-позицијата во Формула 2, но не ја заврши трката, а во 2018 и 2019 година мораше да се откаже и од трките во Формула 1.
На стартот најдобро реагираше Валтери Ботас од Мерцедес, но Ферстапен успеа да му ја пресече траекторијата и порвпат на денешната трка да го одбие нападот на неговото прво место од кое страртуваше по откажувањето на Леклер. Така, Холанѓанецот успеа низ тесните улици во Монте Карло да дојде прв до целта, и победи по 12-ти пат во кариерата пред Карлос Сајнц од Ферари и Ланд Норис од Мекларен. Ботас се откажа откако имаше проблеми во пит-стопот, кога тимските механичари не можеа да заменат едно од тркалта.
Актуелниот шампион Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес финишираше седми, но го оствари најбрзиот круг во трката. Меѓу првите десетмина кои освоија бодови беа и четвртопласираниот Мексиканецот Серхио Перез од Ред Бул, петтиот Германец Себастијан Фетел во болидот на „Астон Марти“, шести беше Французинот Пјер Гасли во Алфа Таури, осми беше Канаѓанецот Ленс СТрол од Астон Мартин, зад него беше Французинот Естебан Окон од Алпин а десетти беше Италијанецот Антонио Џовиванци од Алфа Ромео.
Ферстапен со 23 сега има четири бода повеќе од Хамилтон. Следната трка на програмата е на 6-ти јуни за Големата награда на Азербејџан.