Тринаесетото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ кое започнува денеска и ќе трае до 25 август, ќе се одржи на четири локации во Скопје – во Куршумли ан, плато пред Куршумли ан, МКЦ и „Europe House Скопје“.
Во рамки на програмата Земја во фокус е Чешка, а почесен гостин на фестивалот е познатата чешка документаристка Хелена Тшештикова, која ќе одржи и мастерклас на кој низ разговор со Туе Стен Милер ќе ги сподели своите тајни за тоа како ги снима своите документарци, чие снимање понекогаш трае и по 20 години.
Програмата ќе почне со проекција на филмот „Рене – затвореник на слободата“ на Тшештикова, една од најзначајните авторки во чешката документаристика и „мајка на тајм-лапс документарецот“.
Програмата Земја во фокус ќе се одвива со тематски наслов „Чешки филмски експеримент – два, нула, два, два“ и ќе опфати осум долгометражни и неколку кратки, анимирани и доку-анимирани филмови кои ќе ја претстават најновата чешка документаристичка сцена, доловувајќи ѝ ги на публиката на „МакеДокс“ атмосферата и темите што ги интересираат авторите на чешките документарни филмови, нивниот начин на работа, како и односот кон протагонистите и развојот на првичната идеја до филм како целосно дело.
Време на промени, историски и политички превирања, пандемии, научни откритија, експерименти, авантури – се теми што ги обработуваат најновите чешки документарни филмови. Интересен е фактот што најголем удел при продукцијата на овие чешки документарни филмови има Чешката национална телевизија, која очигледно сè уште покажува особен интерес за презентирање на овие социјални и општествени проблеми и настани на граѓаните и се јавува како главен продуцент во најголем број од документарните филмови.