Фетаи и Тупанчевски: Во Палермо бевме на сопствен трошок

Антикорупциската комисија побара од Фетаи, Тупанчевски и Нанев да одговорат дали на државен трошок биле во Палермо за да го следат натпреварот меѓу Македонија и Италија.

Антикорупциската комисија побара, а министерот за правда Никола Тупанчевски и обвинителката Фатиме Фетаи преку медиумите одговорија на чиј трошок патувале во Палермо каде го следеа натпреварот на фудбалската репрезентација со Италија.

„Доколку службените лица не патувале во рамки на своите службени должности, сами нека си објават кој им ги подмирил трошоците за патување. Повикуваме министерот за правда, Никола Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев, сами да кажат кој им ги плати билетите и патувањето“, повикаа денеска од Државна комисија за спречување на корупцијата, откако тие беа забележани од камерите во ВИП ложата на стадионот.

„Секако дека на свој трошок бев во Италија“, изјави за „Фокус“ Тупанчевски, веднаш штом слета во Скопје.

Трошоците поврзани со следењето како на овој, така и на другите натпревари сама си ги покривам, изјави за ТВ 24 вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи.

Портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија, Златко Андоновски, на прашањето дали федерацијата им ги овозможила местата во ложата за ТВ 24 одговори:

„Ви благодарам што се грижите за гостите, но засега немам никаков коментар во врска со тоа. Сега сме фокусирани на мечот со Португалија “, вели Андоновски.