На крајот на декември истекува 6 годишниот мандат на Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, но договарањето за негов наследник тешко им оди на коалициските партнери. Огласот беше распишан на 29 ноември. Засега се познати три имиња кои пројавиле интерес да раководат со обвинителството: Фатиме Фетаи од вишото скопско обвинителство, Лидија Раичевиќ од основното обвинителство и Љупчо Коцевски од Републичкото обвинителство.
Фетаи јавноста ја запозна откако беше избрана во Специјалното јавно обвинителство. Таа вели дека нејзина клучна мотивација е да продолжи во битката против корупцијата, која почнала уште во 2011 година со нејзиниот прв избор во скопското јавно обвинителство.
Раичевиќ е обвинителка во ОЈО Скопје од 2003, а еден мандат гонеше и организиран криминал и корупција. Ги работеше предметите за екс директорот на Онкологија Нино Васев, за убиството на Пино Секондо, случајот Ровер против Љубе Бошковски и предметот Еразмус. За позицијата Републички јавен обвинител се пријавила поради зголемување на довербата на јавно-обвинителската функција и начинот на функционирање.
Раичевиќ смета дека коруцпијата е епидемиска и дека јавните обвинители мора таа борба да ја направат видлива и со мерливи резултати.
Коцевски бил во адвокатурата 16 години од каде во 2008 е избран за обвинител во Вишо обвинителство Гостивар. Најави дека во наредниот период ќе ги презатнира своите ставови.
Коцевски од јануари 2022 работи во републичкото обвинителство и смета дека со неговото искуство и знаење, со познавање на состојбите во обвинителството ќе може да одговори на тековните предизвици.
Огласот за нов државен обвинител Собранието го распиша на 27 ноември на еден месец пред да му истече мандатот на Јовески иако тој уште во септември го извести Собранието за тоа. Со оглед дека процедурата за избор на негов наследник до тогаш нема да заврши, се поизвесно е дека ќе биде поставен и в-д обвинител.
Според Законот за јавно обвинителство, кандидатурите одат на разгледување на Влада, откако ќе го добие мислењето од Советот на јавни обвинители. Владата ќе избере еден и ќе му предложи на Собранието да го гласа. За именувањето потребни се само 61 пратеник. Доколку за пријавените нема мнозинство или не им се „допаднат“ на пратениците, ќе се распишува нов оглас.
Новиот републички обвинител ќе има тешка задача, од него ќе се очекува да ја подобри довербата во правосудството, во време кога од ЕУ и САД пристигнуваат остри критики за работата на судиите и јавните обвинители.