Фетел најбрз во Канада, Германецот се радува на 50-та победа

Себастијан Фетел без многу проблеми стигна до победа на ГН на Канада која е јубилејна 50-та во неговата кариера.

Ферари по долги години се радува на триумф во Монтреал, Себастијан Фетел вечерва мина прв низ целта и ја донесе првата победа за „Црвеното коњче“ на ГН на Канада по 2004.

Германецот имаше перфектна трка, водеше од почетокот до крајот и во ниту еден момент не дозволи да биде загрозен. За него ова беше јубилејна 50-та победа во кариерата.

Втор низ целта мина Валтери Ботас, а последното место на пиедесталот му припадна на Макс Верстапен, кој беше најбрз во финишот од трката но немаше време да стори нешто повеќе.

Даниел Рикиардо успеа да го задржи Луис Хамилтон зад себе, па ваквиот развој на настаните придонесе Себастијан Фетел да се искачи на првото место во генералниот пласман со еден бод повеќе во однос на Британецот.

Во една прилично досадна трка без многу претекнувања, во бодови уште завршија и Кими Раиконен, Нико Хулкенберг, Карлос Саинц, Естебан Окон и Шарл Леклерк.