ФФМ доби потврда од УЕФА – Струга ТЛ во плејофот ќе биде домаќин во Охрид!

Македонскиот првак Струга ТЛ и дефинитивно ќе игра во Македонија во плејофот за пласман во Конференциската лига, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) попладнево објави дека добила потврда пресметката со Брејдаблик на 24 август да се игра на СЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.

Стружани во Охрид беа домаќини против Жалгирис во првото коло од квалификациите за ЛШ, а потоа и со Будуќност во второто коло од шампионската група во квалификациите за Конференциската лига, но за третото коло мораше да се селат во Скопје, па мечот со Свифт Есперанж го играа на тренинг-центарот на ФФМ.

Поради строгите критериуми, а само Националната Арена во Скопје, која е затворена поради ужасната состојба на теренот, Струга размислуваше мечот со Брејдаблик да го игра во Елбасан, Албанија, што ќе беше скандал над скандалите, но УЕФА прогледа низ прсти за македонскиот првак сепак да си игра меч од најголем значај во матичната земја.

Поради ова, ФФМ го презакажа дуелот на Охрид и Караорман планиран за викендов за 30 август, со цел теренот да биде во најдобра состојба поради европската пресметка во која стружани ќе се борат да влезат во групите во Конференциската лига и да бидат само втор македонски клуб кој имал европска есен, после Вардар кој испиша историја со настапот во Лига Европа во 2017 година.