Фудбалската федерација на Македонија го осуди нападот врз претседателот на организацијата Муамед Сејдини извршен вчеравечер пред еден скопски ресторан.
Според ФФМ, овој чин на насилство е неприфатлив и претставува „директен удар врз вредностите на фудбалот, спортот и демократијата, воопшто“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека ФФМ нема да дозволи насилството да стане средство за влијание или решавање на кој било предизвик. Изборот на раководни лица во ФФМ се одвива исклучиво преку легални и демократски процедури, со гласови на делегатите, а не со закани и насилство. Оние што се обидуваат да го нарушат овој процес преку сила треба да бидат свесни дека нивните постапки се веќе идентификувани и дека соработуваме со институциите на правдата за целосно расветлување на овој инцидент“, соопшти попладнево Федерацијата.
ФФМ го повикува МВР и сите надлежни органи да преземат итни мерки и да го истражат случајот до крај.
За овој инцидент го информирале раководството на УЕФА и ФИФА.
„Претседателот на ФФМ останува непоколеблив пред ваквите закани и притисоци. Тие не ја ослабнуваат неговата решителност, туку напротив ја зајакнуваат неговата посветеност кон интегритетот и транспарентноста во спортот. Муамед Сејдини на оваа позиција е избран на легален начин, преку гласовите на делегатите и само на ист начин ќе го заврши или продолжи својот мандат. Насилството никогаш нема да биде средство кое ќе го одреди неговото присуство или заминување“, се вели во соопштението на федерацијата.
Претходно и ДУИ го осуди нападот врз Сејдини предупредувајќи дека „овој грд чин, извршен од маскирани лица пред ресторан е силен аларм за зголемување на меѓуетничките тензии во земјата“.
Полицијата соопшти дека напаѓачите на Сејдини и неговиот придружник не биле маскирани и дека по нив се трага.