ФФМ молчи за навредите кои албанскиот репрезентативец ги упати кон Македонците на ЕП!

Балканските репрезнетации се главни на Европското првенство барем кога се работи за казните кои ги добиваат поради испадите на своите навивачи, па така по првото коло Дисциплинската комисија на УЕФА ги казни Хрватска, Србија, Албанија… Сите казни се поради непримерното однесување на навивачите на трибините. Освен стандардните казни поради фрлање на предмети и палење факели, тука се и казните поради неспортско и националистичко навивање.

Дека тие казни не беа доволна превентива непристојното однесување да сопре, се покажа на вчерашниот меч меѓу Хрватска и Албанија кој заврши 2:2. Навивачите на двете селекции во еден од од мечот сплотено, заеднички почнаа да скандираат „Уби Србин“, па веднаш по мечот следуваше жестока реакција од фудбалскиот сојуз на Србија.

Од ФСС побараа Албанија и Хрватска да бидат жестоко казнети поради тие непристојни скандирање. Србите дури се заканија дека ќе го напуштат Европското првенство, ако УЕФА не реагира соодветно.

Србите не беа единствени кои беа навредувани на овој меч. По завршување на дуелот, албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку со мегафон во рацете водеше навредливо скандирање проти Македонците. Македонија ниту е дел од овој турнир, ниту Даку кој е роден на Косово, а игра за Албанија, имаше било каква причина да скандира навредливо кон Македонците.

И додека од српската федерација веднаш реагираа за навредите кои беа слушнати на тој меч, од Фудбалската федерација на Македонија по повеќе од 15 часа од тој скандал и навредливо скандирање против Македонците, нема никаква реакција или барање за казна која сигурно ја заслужува Даку поради непристојното и непрофесионално однесување.

https://twitter.com/SolarNik/status/1803504245208973422

За навивачите секако тешко е да има казна, но Даку како официјален дел од ова ЕП, секако може да добие казна која ја заслужува, секако ако прво тоа биде побарано од ФФМ. Колку за пример, косовскиот новинар Арлинд Садику кој „леташе орли“ пред трибината каде што се наоѓаат фановите на Србија е исклучен од ЕП и му е одземена акредитацијата.

Ако од ФФМ се освестат и побараат санкција за Даку, албанскиот репрезентативец може и да добие „пенали“ од УЕФА, но останува да видиме колку од ФФМ се грижат за тоа што Македонците беа навредувани на ЕП на кое нашата репрезентација воопшто не е дел и немало никакви причини и провокации да биде спомената во негативен контекст.