ФФМ одлучи Милевски да ја предводи македонската фудбалска репрезентација и во наредните две години

Благоја Милевски и во наредните две години ќе седи на клупата на фудбалската репрезентација на Македонија откако Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за продолжување на договорот.

Милевски ќе ја предводи репрезентацијата до крајот на квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство 2026 година под истите услови како и досега.

„Фудбалската федерација на Македонија, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Благоја Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси. Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал. Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат. Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“, стои во соопштението на Управниот одбор на ФФМ.