Благоја Милевски и натаму ќе ја предводи најдобрата македонски фудбалска селекција, потврди во вторникот на седницата Управниот одбор на Фудбалската федерација.
„Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница дискутираше во однос на работата и постигнатите резултати на македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 под водство на селекторот, Благоја Милевски. Управниот одбор на ФФМ го почитува начелото „на стара слава не се живее“. Незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кои го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим.
Меѓутоа, имајќи ги предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следува и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим. Договорот на селекторот трае до ноември 2023 година. Како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи. ФФМ во следниот период ќе го даде најдоброто решение за репрезентацијата“, стои во објавата на ФФМ.
Следен противник на Македонија во евро-квалификациите е селекцијата на Италија, на домашен терен.
Претходно во понеделникот, Стефан Ристовски, капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, ја извести јавноста дека поради лошиот однос што го имал со селекторот Благоја Милевски, решил да се повлече од националниот тим.
„Односот меѓу мене и сегашниот селектор Благоја Милевски не е во најдобар ред, за што и лично сме разговарале. Од моја страна му било предочено, како капитен, за се она што се случува во и околу репрезентацијата“.
Стефан Ристовски од 2011 година е стандарден репрезентативец. За националниот тим одиграл 80 натпревари, постигнал два гола.