Околу три милиони евра е сумата која ќе биде инвестирана како поддршка за развој на фудбалот во Македонија како дел од „хет-трик“ програмата на УЕФА.Фудбалската федерација на Македонија обезбеди донација од УЕФА за осветлување на пет стадиони во државата на кои ќе се монтираат рефлектори за одигрување на натпревари во вечерен термин и средства за поставување на нова тревна подлога со врвен квалитет поставен над нов систем за исушување и прихрана на тревата.
Планот за новите средства од „хет-трик“ програмата кои ќе ги добие ФФМ веќе е направен во координација со УЕФА, а конечната одлука за тоа кои стадиони ќе влезат во програмата за осветлување ќе ја донесе ФФМ во зависност од критериумите кои „куќата на фудбалот“ бара да бидат исполнети.
Стадионите на кои ќе се монтираат рефлектори треба да бидат во државна сопственост или стопанственик да биде локалната самоуправа, а меѓу критериумите кои ги бара федерацијата е и инфраструктурно подобрување на стадионите, односно ФФМ да добие гаранција дека на секој стадион на кој ќе се монтираат рефлектори ќе има најмалку една покриена трибина со три до пет илјади столчиња за седење.
ФФМ исто така ќе бара да биде уреден и подтрибинскиот простор, односно соблекувалните и просторите за службените лица да бидат направени според критериумите на УЕФА. Општините кои ќе ја добијат донацијата од ФФМ ќе треба да се обврзат дека ќе ги почитуваат насоките кои федерацијата ќе им ги даде во насока на модернизирање на стадионите.
Подготовките за реализацијата на овој крупен проект веќе се започнати по кој стадионите во големите фудбалски центри ќе добијат нов лик, а со тоа и навивачите ќе се вратат на трибините затоа што ќе имаат одлични услови за гледање фудбалските натпревари.
Фудбалската федерација на Македонија дополнително ја заслужи поддршката од УЕФА со завршувањето на последниот проект од „хет-трик“ програмата со изградбата на десет терени со вештачка трева низ општините во земјата.