Фудбалската федерација на Македонија попладнево преку соопштение се обрати на навивачите кои ќе бидат присутни на натпреварот со Англија.
– Националата арена „Тодор Проески“ ќе биде отворена за навивачите од 18:45 часот, а поради зголемените безбедносни мерки што ќе бидат преземени за да се спречи внесување на забранети предмети и средства на стадионот, ги повикуваме навивачите да дојдат на стадионот што е можно порано (препорака час и половина) пред почетокот на натпреварот) и да седнат на своите места на стадионот. Влезовите на Националата арена „Тодор Проески“ ќе бидат отворени од 18:45 часот, а влезот ќе биде овозможен до 20:15 часот. стои во апелот на ФФМ.
Се посочува да се дојде на стадион пеш или со јавен превоз, бидејќи сообраќајот и паркирањето ќе бидат забранети на паркинг местата во потесната зона на Националната арена „Тодор Проески“ поради ограничениот број паркинг места, освен за акредитирани возила.
Од ФФМ повикуваат на фер и коректно навивање.
– Ги замолуваме навивачите да ги почитуваат одредбите од Законот за спортски натпревари и Законот за јавен ред и мир, особено оние кои се однесуваат на несоодветно скандирање, консумирање алкохол и употреба на пиротехнички средства. Чадори, големи торби или ранци, шишиња, запалки, монети и други предмети не смеат да се внесуваат на стадионот. Исто така, нема да може да се внесуваат знамиња или транспаренти со несоодветна содржина. Ги повикуваме сите навивачи и посетители на фер, коректно и спортско навивање без расистички и дискриминаторски скандирања пред, за време и по натпреварот. Воедно, ја користиме приликата да укажеме дека полицијата, согласно Законот ќе врши видео и фото снимање на тесната зона и самиот простор на стадионот.
Почетокот на натпреварот е закажан за 20:45 часот.