Иднината на Украина е во Европската унија и во Северноатлантскиот одбранбен сојуз, изјави во петокот чешкиот премиер Петр Фиала по средбата со украинскиот претседател Володомир Зеленски во Прага.
Зеленски во четвртокот допатува во Прага придружуван од два чешки борбени авиона по посетата на Бугарија, во намерата да осигури поддршка за Украина на самитот на НАТО следната седмица во Вилнус да ѝ биде дадена покана за почеток на пристапниот процес.
Повеќето земји од НАТО кои изминатите девет години воено и политички ги помагаат властите во Киев се колебаат дали Украина би требало да му се придружи на НАТО, особено додека трае војната со Русија, а европските влади се загрижени дека таквиот потег, кој беше и еден од изговорите за руската инвазија во февраури минатата година, би ја довел Алијансата во директна воена конфронтација.
„Не знаеме кога војната ќе заврши, но сега знаеме дека на храбриот украински народ мораме да му ги отвориме вратите во Европската унија и во НАТО“, изјави Фиала.
Зеленски рече дека Украина треба да стори сѐ што е можно за да ги започне пристапните преговори со ЕУ.
Во врска со НАТО, пак, Зеленски повтори дека формулацијата прифатена на самитот на НАТО во 2008 година не е доволна, односно дека вратата на воениот блок „останува отворена“ и дека Украина на крајот ќе стане негова членка.
„Ќе ни биде потебен некаков сигнал, јасен, дека Украина ќе биде во сојузот. А не дека вратата е отворена – тоа не е доволно“, изјави Зеленски одговарајќи на новинарски прашања.
Повтори, исто така, дека на Украина од САД ѝ е потребно оружје со долг дострел.
„Без оружје со долг дострел не само што е тешко да се изведе противофанзивата, туку е тешко да се изведуваат и одбранбени операции. Во прв ред разговараме со САД за системи со долг дострел и сега сѐ зависи од нив“, рече Зеленски.
Фиала додаде дека во интерес на Чешката Република е Украина, штом војната ќе заврши, да ги започне преговорите за влез во НАТО, „бидејќи тоа е и во интерес на нашата безбеднсот, регионалната стабилност и еконмскиот напредок“.