Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека Словачка нема да испраќа свои војници на територијата на Украина. Земјата ќе ѝ понуди на Украина можност да обучува војници на своја територија, поточно единици за деминирање. Ова го изјави Фицо во Париз, по состанокот на владата, а пред самитот на претставниците на ЕУ и други земји од НАТО.
Во Париз ќе се водат разговори за „нов квалитет и нов опсег на поддршката за Украина во наредниот период. „Тезите на преговорите сведочат за фактот дека работите во Украина одат далеку над очекувањата. Како е можно да имаме воен план, а не мировен план“, изјави Фицо, објави словачкиот весник „Стандард“.
Преостанатите две коалициски партии, Глас и Словачката национална партија, се согласија со одлуката да не се испраќаат словачки војници во Украина.
Водачот на Глас, Петер Пелегрини оцени дека доколку европските земји испратат војници во Украина, тоа ќе ја ескалира ситуацијата.
„Во случај да дојде до таква промена и во Украина да бидат стационирани воени системи со војници од странски земји, јас лично тоа го сметам за ескалација на тензиите. Затоа, целосно го поддржувам ставот на владата дека Словачка нема да испрати војници во Украина, туку ќе продолжи со разумна и конструктивна соработка како и досега“, рече тој на прес-конференцијата.