Словачкиот премиер Роберт Фицо во средата изјави дека обезбедил снабдување со гас за Словачка за време на неговиот престој во Москва и разговорите со рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец, пред Украина да го прекине транзитот на гас од Русија на почетокот на 2025 година.
„Морав да обезбедам барем гас за домашна словачка потрошувачка – што го обезбедивме“, рече Фицо во видеото на Facebook.
Фицо не откри повеќе детали, а владината служба за односи со медиумите не одговорила веднаш на барањето од Reuters за коментар.
Фицо го обвини Киев дека ѝ нанесува штета на Словачка со тоа што не сака да го продолжи договорот за транзит на руски гас кој истече на крајот на 2024 година и се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина и ќе ја намали помошта за бегалците.
По суспензијата на испораките преку Украина, Словачка продолжи да добива гас преку Унгарија, која добива руски гас преку гасоводот Турски тек, покажуваат податоците на словачкиот гасен оператор „Eustream“.
Фицо во четврток треба да се сретне со претставници на Европската комисија во Брисел за да разговара за суспензијата на транзитот на гас преку Украина.
Киев рече дека со прекинувањето на транзитот на гас, ја лишува Москва од приходите што наводно ѝ се потребни за финансирање на војната во Украина, иако руските испораки на енергенсот во Европа се драстично минимизирани од крајот на февруари 2022 година. Истовремено, Украина се лишува од 800 милиони евра годишно, како надоместок за транзитот на рускиот гас преку нејзина територија во централна Европа. Во Киев проценуваат дека тоа ќе им биде компензирано со заемите од заробените руски пари во западните земји.
Откако Фицо обелодени дека украинскиот претседател Володомир Зеленски му нудел 500 милиони евра од замрзнатите руски пари, како компензација за словачката поддршка за влезот на Украина во НАТО, Зеленски го обвини Фицо дека наводно отворил „втор енергетски фронт“ против Украина, по налог на Русија, но не објасни како бидејќи Словачка и покрај заканите продолжува сѐ уште да ја снабдува неговата земја со електрична енергија која ѝ е неопходна поради разорената енергетска мрежа.