Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој повика на продолжување на транзитот на руски гас преку Украина, ќе разговара за ова прашање со претставници на Европската комисија во четврток, соопшти неговиот кабинет.
Кремљ објави дека го поддржува продолжувањето на транзитот на гас преку Украина, но Киев одби да го обнови договорот што ќе го овозможи тоа, тврдејќи дека транзитот на гас ѝ помага на Русија да ја финансира војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го прозва Фицо дека сака да обезбеди нови испораки на гас од Москва наместо од западните земји, додека Фицо кој го обвини дека дава лажни изјави во врска со наводни испораки на гас од Азербејџан во Европа, се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина, ќе ја намали помошта за нејзините бегалци во Словачка и ќе го искористи правото на вето врз одлуките на Европската унија поврзани со Киев.
Фицо минатиот месец се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ за да разговара за протокот на гас во Словачка. Словачка и Унгарија вршат притисок врз ЕУ да го обнови снабдувањето со гас преку големиот гасовод.
И унгарскиот премиер Виктор Орбан последните денови изрази незадоволство поради неодамнешното раскинување на договорот меѓу Москва и Киев со кој се обезбедуваше евтин руски гас за Европа.
Орбан и Фицо предупредија дека загубата на залихи ќе има сериозни последици по цените на енергијата и безбедноста на снабдувањето. Но, Украина цврсто одбива да го обнови договорот, додека ЕУ тврди дека Унгарија и Словачка лесно можат да најдат други извори на енергија, но не кажува како и по која цена.
Унгарија во понеделникот соопшти дека добила гаранции од Комисијата за заштита на снабдувањето со енергија, што го опиша како предуслов Будимпешта да се согласи да го одобри продолжувњето на санкциите на ЕУ против Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија е „заинтересирана да ја продолжи оваа трговија и да ги продава своите производи, особено затоа што тие се поконкурентни во споредба со американскиот течен гас и многу поповолни за европските купувачи“ и поради неколкукратно пониските цени и поради тоа што европската гасна инфраструктура е веќе прилагодена за испораките на рускиот гас.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица го укина замрзнувањето на извозните дозволи наметнати од претходната американска администрација, потег што веројатно ќе го зголеми производството на енергија во САД.
Зеленски, пишувајќи на Telеgram, го поздрави потегот на Трамп, опишувајќи го како „токму она што е потребно за безбедност и стабилност – повеќе енергетски ресурси за Европа“, иако нема никакви навестувања дека тоа се однесува токму на Европа на која Трамп се подготвува да ѝ воведе казнени санкции.
„Плаќањето за американски течен гас чини пари, додека рускиот гас се плаќа со пари, независност и суверенитет“, тврди во објавата Зеленски.