ФИФА бара дополнителни извештаи од натпреварот Аргентина-Мароко

Челниците на светската фудбалска асоцијација ФИФА покренаа истрага во врска со настаните на натпреварот од првото коло на олимпискиот турнир во Франција меѓу Аргентина и Мароко.

Африканскиот тим го доби тој натпревар со 2:1, но дури откако главниот судија на натпреварот реши да го поништи израмнувачкиот гол на Аргентина поради офсајд позиција, и тоа по дури два часа.

Имено, јужноамериканците успеаја да израмнат во последната минута од судиското надополнување во драматичен напад во кој мароканскиот голман трипати одбрани но четвртиот пат мораше да капитулира пред Кристијан Медина. Гневните марокански навивачи го преполнија теренот со чаши и шишиња, а околу 20 навивачи втрчаа на теренот. Шведскиот судија Глен Ниберг ги испрати тимовите во соблекувалната, но не означи крај на натпреварот, туку прекин.

Сѐ заврши во голема збрка, дури и медиумите објавија дека Аргентина се спасила во судиското продолжение извлекувајќи бод. На официјалниот разглас на стадионот беше побарано од навивачите да го напуштат стадионот, со што се доби впечаток дека сѐ е готово.

Меѓутоа, истовремено на официјалниот сајт на Олимпијадата се појави веста дека натпреварот е прекинат. Следеше речиси двочасовно размислување дали средбата ќе продолжи или ќе биде прекината. На крајот екипите се појавија на теренот за да можат да одиграат дополнителни три минути. Пред продолжението, израмнувачкиот гол на Аргентина беше поништен поради офсајд по видео анализа, а Мароко ја одбрани предноста во додадените три минути.

ФИФА сега започна истрага за натпреварот, бара официјални извештаи од сите актери на натпреварот, а фудбалските федерации на двете земји ќе треба писмено да се изјаснат за случувањата на натпреварот.

Инаку, Аргентина испрати официјална жалба на одлуката за поништување на голот и сосема е извесно дека за овој натпревар ќе се зборува многу во деновите што следат.