ФИФА повторно го тужи Блатер

Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) поднесе кривична пријава до кантоналниот обвинител во Цирих против својот поранешен челник Сеп Блатер, поради криминални активности околу музејот на ФИФА.

Во тужбата светската фудбалска асоцијација наведува дека за музејот во центарот на Цирих е потрошена сума од 500 милиони швајцарски франци, односно 564,59 милиони американски долари, иако претходната администрацијата на ФИФА вложила 140 милиони швајцарски франци во обновување на зградата.

„ФИФА ја немала сопственост на зградата, а Блатер склучил долгогодишен договор за наем под многу неповолни услови во споредба со стандардните пазарни цени, што вкупно ќе ја чини ФИФА 360 милиони швајцарски франци до датумот на истекувањето на договорот во 2045 година“, се наведува во соопштението.

„Тоа се половина милијарда швајцарски франци, коишто би можело и би требало да се насочат во развој на глобалниот фудбал“, додаваат од ФИФА.

Блатер, кој беше претседател на ФИФА цели 17 години, беше суспендиран од сите должности по отворањето на кривичната постапка против него во Швајцарија пред пет години.