Репрезентативецот на Хрватска, Јосип Шимуниќ е казнет со 10 натпревари неиграње поради усташките повици кои ги упати до фудбалските фанови по завршувањето на вториот бараж натпревар против селекцијата на Исланд.
Искусниот дефанзивец го почна скандирањето што продолжи и на трибините, со повикот „За дом”.
Освен суспензијата од 10 натпревари, фудбалерот на Динамо (З) ќе мора да плати и парична казна од 30.000 швајцарски франци.
„Играчот и публиката користеа повици кои во текот на Втората светска војна ги користеше усташкото движење. Со оглед на тоа, Дисциплинската комисија одлучи дека се работи за дискриминирачко однесување. Согледувајќи ги сите аспекти, а посебно сериозноста на инцидентот, комисијата одлучи да го казни играчот со 10 меча неиграње“, стои во официјалното соопштение на ФИФА.