Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) покрена истрага по обвинувањата за сексуална злоупотреба во репрезентацијата на Замбија на Светското првенство за жени коешто се одржива во Австралија и Нов Зеланд.
Во петокот ФИФА најави строги казни доколку истрагата покаже дека обвиненијата се основани.
Неколку медиуми објавија дека селекторот на Замбија, Брус Мвепе, е обвинет за сексуално злоставување, наводно допирање на градите на играчка пред натпреварот со Костарика, но ФИФА не објави поединости од истрагата.
„Можеме да потврдиме дека обвинението што го добивме се однесува на репрезентацијата на Замбија и дека истрагата е во тек. Секое тврдење за несоодветно однесување го сфаќаме многу сериозно и постои јасна процедура за пријавување на такви случаи“, соопшти ФИФА.
Фудбалската асоцијација на Замбија во петокот соопшти дека не добиле никаква пријава, ниту од играчка, ниту од кој и да е друг член на делегацијата којашто отпатува на Светското првенство.
„Затоа бевме изненадени кога слушнавме за наводното несоодветно однесување на тренерот, за што The Guardian извести во текст на својот онлајн портал“, изјави генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Замбија, Рубен Каманга, додавајќи дека сите тренинзи на тимот биле снимани.
За инцидентот не била информирана ниту полицијата на Нов Зеланд, од каде одговориле дека не добиле никаква пријава.
„Но, ни беше укажано на можен инцидент, по првичната истрага не беа преземени никакви дополнителни дејствија“, изјави портпаролот на полицијата.
Тренерот Брус Мвепе е под истрага за наводни сексуални напади во последните месеци. Фудбалскиот сојуз на Замбија потврди дека истрагата е отворена, но дека никогаш не добиле никакви официјални жалби. Мвапе постојано беше испрашуван за време на прес-конференциите за време на ова Светско првенство за наводите за сексуална злоупотреба, но тврдеше дека сите наводи се лажни.
Замбија го заврши натпреварувањето во групата Ц со освојување на третото место со победата над Костарика (3:1), по двата убедливи порази од Јапонија (0:5) и Шпанија (0:5).