Филипче: Ќе имаме нов клинички за седум години

Новиот клинички центар во Ѓорче Петров ќе чини 500 милиони евра, а ќе се финансира по кредитна линија од три комерцијални банки кои доставиле најдобра понуда, информираше министерот, Венко Филипче.

Под кои услови ќе се врши финансирањето, колкави ќе бидат каматните стапки, како и на кој период ќе се враќа кредитот, прашања за кои новинарите беа најмногу заинтересирани, министерот Филипче упати тие информациите новинарите да ги побараат во Министерството за финансии, бидејќи тие ги правеле анализите и ќе кажат детали колку државата е задолжена за новиот клинички центар.

„Министерството за финансии испрати 18 барања до меѓународни инвестициски фондови и комерцијални банки. Од нив, шест одговорија, по што избрана е понудата проектот да се финансира од банките „Ерсте груп“, Рајфајзен банк и „Уникредит“. Условите под кои ќе се враќа кредитот ги имаат во финансии, па не би сакал да шпекулирам со бројки“, рече Филипче.

Министерот додаде дека имотно правните односи се расчистени, а земјиштето на коешто ќе се гради центарорт е целосно во државна сопственост, односно нема да има експопријација.

Клиничкиот центар ќе се гради на земјиште од 30 хектари, а вкупната површина на центарот ќе биде 105 илјади квадратни метри и ќе се одвива во три фази, а целосно се очекува да биде завршен за 7 години.

Во првата фаза, како што посочи Филипче, ќе бидат завршени инфраструктурните работи како што се поставување на вода, струја, канализација, за што ќе биде отворен тендер во август.

„Откако ќе завршат подготовките на теренот и комплетното завршување на проектната документација може да се отпочне со градба, па очекуваме тоа да биде на почетокот на следната година“, рече Филипче.

Тој информираше дека физибилити студијата е готова и наскоро ќе биде ставена на јавен увид. Што се однесува до стариот дел од постоечкиот објект, министервото се уште размислува колку и што од него ќе биде оставено во функација. Министерот сепак појасни дека објектот нема да биде затворен туку ќе биде наменет како градска болница, за граѓаните кои живеат во тој дел од Скопје.