Филипче: Бројот на заразени со коронавирусот може да достигне и до 2.000

Тешко е да се предвиди, земете го со резерва ова, според некои проценки, претпоставки, можно е бројот на пациенти да достигне до 2.000, а пикот да биде за еден месец од сега, рече на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога може во земјава да се очекува врвот на заразата со коронавирусот.

Скопјанец кој имал гости од Србија и двајца сопружници кои пред неколку дена се вратиле од Бугарија се новите тројца заразени со вирусот корона, кои беа потврдени денеска.

Утрово се тестирани 10 лица од кои позитивни се овие тројца. Тие претходно се тестирале на Клиниката „Жан Митрев“, а повторените тестови во ИЈЗ го потврдиле позитивниот резултат.

Првиот пациент е веќе сместен на Инфективната клиника. Министерот рече дека овој пациент претходно бил на преглед во „Аџибадем Систина“, а во „Жан Митрев“ правел тест за корона.

– Имал гости од Србија, и тие се наводно заболени. Ќе бидат известени здравствените власти во Србија за нивниот идентитет – рече Филипче.

Тој имал симптоми една недела, неговите контакти се мапирани и се изработуваат тестови на неговото семејство.

Сопружниците биле на домашно лекување и самоиницијативно пратиле брисеви во болницата. Вчера член на семејството ги однел материјалите во „Жан Мирев“ каде добиле позитивни резултати.

Сопружниците во текот на денот ќе бидат префрлени на Инфективната клиника.

Состојбата кај другите 23 заболени со коронавирус е стабилна и непроменета во однос на вчера. Стабилна е и пациентката која е на респираторна машина, засега нема знаци на влошување на нејзината состојба.

До 12 часот има регистрирано вкупно 26 заразени со коронавирус во земјава. Од нив 17 се во Скопје и 9 во Дебар.

– Капацитетот на Инфекивната клиника е целосно спремен. Првиот спрат сѐ уште не е исполнет. Целосно е спремен и вториот кат да ги прими пациентите.

Кинеската амабасада денеска укажа дека има сериозни шанси да стигне помошта, а повеќе за тоа ќе се знае до крајот на неделата.

Ќе се зголеми бројот на автобуси во јавниот превоз наутро и попладне, а во текот на денот ќе остане ист.

На располагање се 200 анестезиолози и 400 медицински сестри од целата земја.

– Сите тие се спремни да се вклучат во третманот на овие пациенти. Сакаме да ги заштитиме и здравствените работници. Клучно е тие да се здрави, тие се главните даватели на здравствените услуги – рече Филипче.

Матичниот лекар во Дебар кој ги прегледал сопружниците засега не развил симптоми.

Сите што биле во контакт со директорката на Кожната клиника ќе бидат тестирани кога ќе истече карантинот од 14 дена.

Филипче порача и да се намали бројот на ново примени пациенти во Геријатрискиот дом „Сју Рајдер“.