Се уште трае истрага и замолувам за трпение, за да ги почекаме сите релеватни наоди од трагедијата во модуларната болница во Тетово. Од одговорност никој нема да биде изземен ако истрагата тоа го утврди, рече министерот за здравство Венко Филипче на попладневната конференција за печат.
– Синоќа во тетовската модуларна болница биле двајца лекари, четири медицински сестри и 26 пациенти. 12 пациенти се безбедно евакуирани, тие се во тетовската болница и се во стабилана состојба. На Институтот на судска медицина се предадени тела на 14 пациенти. Починатите се на возраст од 29 до 79 години – рече министерот.
Од одговорност не бегам, но ќе чекам да заврши истрагата, рече Филипче, истакнувајќи дека и во овој период има потреба од менаџирање, посебно на дел од пациентите во Тетово и завршување на обдукциските наоди.
– Имаше повик за моја оставка. По завршување на истрагата ќе одлучам дали ќе поднесам оставката. Немам зборови да ја опишам тежината на болката што ја чувствувам – рече Филипче.
Тој не одоговори на прашањето дали чувствува морална одговорност за синоќешната трагедија.
Министерот рече дека ја има целата документација за модуларната болница, која, тврди, е изградена по стамндарди на Светска банка.