Филипче го објасни процесот на гласање: Дезинфекција на рацете, гласање, па повторно дезинфекција

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска присуствуваше на симулацијата на гласачкиот ден организиран од Државната изборна комисија. Тој рече дека од она што го видел можел да заклучи дека гласањето ќе биде безбедно и согласно протоколите на Комисијата за заразни болести.

-Симулацијата потврди дека може да се гласа без ризик за гласачите.

 Според протоколот за гласање најпрвин полицијата на влезната врата од гласачкото место бара гласачите да стават заштитна маска.
 По влегување во објектот, ред за гласање се чека на дистанца.
При влегување во просторијата, гласачот прво ги дезинфицира рацете, ѝ ја подава личната карта на изборната комисија. Накратко, ја симнува маската за идентификација, гласа и на излегување повторно ги дезинфицира рацете.
 Во просторијата за гласање не може истовремено да има повеќе гласачи од вкупниот број паравани за гласање, објасни Филипче.