
Нема да почне најавената вакцинација за втората група граѓани додека не излезат официјалните ставови и препораки
Масовна вакцинација треба да има бидејќи тоа е еден од клучните елементи со кои ние се бориме со пандемијата, но секако ќе ги пратиме препораките дали некоја возрасна група треба да биде повнимателна или не, или треба евентуално да консултира лекар пред да се прими вакцината. Последните насоки од Германија утрово се такви, но, додека не сме сигурни, нема да ја почнеме вакцинацијата која ја најавивме за почеток на следната недела на останатите групи граѓани кои се во втората група, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
До Министерството, како што рече тој по денешната посета на вакциналниот пункт во поликлиниката „Јане Сандански”, стигнале огромен број повици и барања од луѓето кои се вакцинирале со вакцината Астра Зенека, но, Филипче уверува дека нема простор за паника.
– Не треба ништо превентивно да се прави, барем засега нема таква препорака. Така да во таа смисла, тогаш кога ќе стигнат сите информации ќе излеземе со нашиот дефинитивен став, а до тогаш нема да ја почнеме таа вакцинација, рече Филипче, додавајќи дека од утрово околу 20 проценти во еден дел од пунтковите не се појавиле на вакцинација.
Сега, вели тој, е премногу рано да кажеме дали има откажување, но потенцира дека нема никакви регистрирани несакани ефекти кај постарите лица.
– За постарите лица таква склоност за имунолошка реакција на тромбоцитите, како резултат на што може да се јави таква тромбоза кај постарите лица не се јавува, рече Филипче.
Министерот нема проблем да ја прими вакцината на Астра Зенека, но, откако ќе излезат официјалните препораки и ставови, вклучително и на Германија, Канада и на ЕМА, бидејќи, како што рече, во моментов единствена вакцина во која се создава сомнеж е вакцината на Астра Зенека.