Филипче најави укинување на партиципацијата од 20 % за јавните здравствени услуги

Венко Филипче, носителот на листата во Изборната единица 4 на СДСМ и Коалицијата, во денешното свое обраќање пред членството и симпатизерите, најави градење здравствен систем кој се грижи за секој граѓанин и обезбедува иднина каде што здравјето и благосостојбата не се само желба, туку реалност.

Тој потенцираше дека финансиите никогаш не треба да бидат пречка за обезбедување врвно здравство за нашите граѓани.

„Предвидуваме укинување на партиципацијата од 20% за јавните здравствени услуги, обезбедувајќи финансиските ограничувања никогаш да не стојат помеѓу граѓаните и нивното право на здравје“, рече Филипче при претставување на „Програмата за европска иднина“.

Осврнувајќи се на својот мандат за време на најголемата здравствена криза во поновата историја, тој потсети дека и покрај сите предизвици со пандемијата, Министерството за здравство успеа да реализира низа значајни проекти и реформи, меѓу другото и реконструкција на историски најголем број на објекти и набавка на нова опрема.

Тој најави и нови реконструкции во новиот мандат.

„Во делот на реконструкциите направивме многу, но ова е процес кој не запира и никогаш не е доволно. Со нашиот план планираме целосна реконструкција и реставрација на секундарните здравствени установи. Ќе осигураме дека секој агол на Македонија има пристап до медицински услуги од највисок степен“, истакна Филипче.