Масовната вакцинација во Македонија ќе започне најверојатно во среда откако утре ќе стасаат 24.000 дози од „АстраЗенека“ преку Ковакс механизмот, соопшти министерот за здравство Венко Филипче вечерва во вестите на ТВ Сител.
– Спремни сме тој процес да се спроведе брзо и ефикасно во салата „Борис Трајковски“. Во понеделник вакцините ќе бидат распределени во градовите. Сето она што очекувавме да се случи порано еве се случи во април. Оптимумот е да вакцинираме 4.000, а мислим дека може да стигнеме до 7.000 граѓани на ден, на сите пунктови, во центрите за јавно здравје, во салата „Борис Трајковски“, слично како во Србија и Израел за да постигнеме задоволителна динамика – рече тој.
Филипче го оцени како многу добар гест повикот на Србија викендов да ги вакцинира македонските граѓани. Не треба да се дозволи да помине рокот или да се уништи вакцината, додаде тој.
Министерот повтори дека нема апсолутно никаква официјална контраиндикација од вакцината на „АстраЗенека“, дека нема некоја категорија граѓани која оваа вакцина не треба да ја прими.
– Вакцината е сосема безбедна да се користи и за повозрасни граѓани. Ги уверувам граѓаните дека буквално сите вакцини се безбедни, нема контраиндикација за вакцината на ниту еден производител, за ниту една категорија граѓани – рече тој.
Филипче нагласи дека сите што денеска примиле прва доза од вакцината на „АстраЗенека“ во Србија ќе можат да ја примат втората доза во Македонија. Заради ова ќе бидат побарани податоците за вакцинираните македонски државјани во Србија од српското министерство за здравство.
– Во јуни мислам дека ќе постигнеме голема бројка на граѓани да бидат вакцинирани. Има сѐ уште многу отворени прашања за тоа како ќе се одвива пандемијата после имунизацијата. Веруваме дека ова значајно ќе ја смени сликата. Веројатно дека мерките за носење маски ќе останат уште долго време – рече Филипче.
Тој потврди дека притисокот за хоспитализација е огромен и поголем од тој во ноември. Ангажирани се одделенија кои досега не биле ангажирани за таа намена.
Филипче смета дека имаме систем на добро балансирани мерки, ограничување на движењето, носење маски…
– Немаме експоненцијален бран на ширење на вирусот. Мислам дека следната недела ќе биде критична, брановите обично траат 6 до 8 недели. Се согласувам дека пикот е можеби пред нас. Дополнителна рестрикција нема да даде резултат, зашто вирусот е широко распространет. Р0 факторот е лесно над 1. Ние сме петта земја по смртност во регионот. Тоа се должи на тоа што вирусот е попренослив, се манифестира за пократко време и има потешка клиничка слика – рече Филипче.
Тој додаде дека попишувачите ќе бидат во преден план за вакцинирање, а нивната имунизација може да се организира за околу два дена зависно каде живеат тие.