Министерот за здравство Венко Филипче денеска објави дека утрово стигнала информација од кинескиот производител „Синовак“ дека нарачаните 500 000 вакцини можеме да ги очекуваме во наредните седум дена.
Тој вели дека со овие вакцини значајно ќе се забрза процесот на вакцинација.
„Сега ги уфрливме во системот 10 000 вакцини на ’Фајзер‘ кои пристигнаа во понеделникот. Меѓутоа, очекуваме значајно забрзување на процесот кога ќе стигнат вакцините на ’Синовак‘. Утрово стигна информација дека може да очекуваме пратката да стигне во следните 7 дена. Уште една добра информација е тоа е одделено како количина за нашата земја се наоѓа во претходно пакувани шприцови, како што беше со првата пратка од ’Синофарм‘. Тоа го олеснува начинот на давање. Оставам резерва, но верувам дека ќе се оствари тоа што го најавија претставниците на компанијата односно во следните седум дена да стигнат 500 000 вакцини“, изјави Филипче.
Во однос на руската вакцина „спутник В“, министерот не верува дека доцнењето на преостанатите количини е од политички причини со оглед на протерувањето на рускиот дипломат од земјава.
„Во мојата комуникација со амбасадорот на Русија нема никаква промена. Според неговите кажувања, и тој ги очекува информациите. Дека може да се очекува доцнење, дека имаше најава и тој ми ја пренесе мене. Јас не верувам дека тука има некаква политика. Практично секојдневно сме во комуникација и мислам дека е прилично искрен во тој дел. Со лични контакти и заложби направи да чекаме многу кратко време од нарачката до испораката на првата количина. Беа малку, но стигнаа и ние тогаш тој процес го продолживме со вакцинација на здравствените работници“, истакна Филипче.