Филипче: На концертот на Петар Грашо во Хераклеа беа прекршени протоколите

Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

– Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50 отсто публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител. Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува, напиша Филипче и додаде грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните.