Филипче на „недисциплинираните“ им порача дека по неколку месеци повторно ќе бидат воведени рестрикции

Мора да се почитуваат хигиенските мерки, бидејќи ако тоа не биде така, агонијата со вирусот ќе продолжи и по неколку месеци повторно ќе мора да се воведат рестриктивните мерки, рече министерот за здравство Венко Филипче по седницата на Владата во вторникот вечерта посветена на олабавувањето на мерките воведени пред три месеца, кога и покрај укинувањето на ограничувањата ги обвини граѓаните за непридржување до епидемиолошките препораки и мерки.

Ваквата „препорака“ на Филипче може да се разбере и како потврда дека укинувањето на ограничувачките мерки има само политичка причина, за што побрзо одржување на избори на кои настојува неговата партија СДСМ. А, потоа, како што и неговиот партиски челник Зоран Заев тврди, сметајќи дека ќе може по изборите да формира влада, при евентуален втор бран од епидемијата за што бездруго ќе придонесе напрасно укинатите рестриктивни мерки, да се воведат нови ограничувања кои претпоставуваат забрана на движење и собирање на населението.

„Денеска се точно три месеца откако се дијагностирираше првата пациентка со коронавирус, којашто дојде од Италија“, рече Филипче.

Притоа министерот заборави дека еден од првите носители на вирусот е токму неговата поддржувачка, директорката на Клиниката за дерматологија Нина Цаца Биљановска, чии постови со пофалби како и оние во екот на епидемијата на коронавирусот од скијање во Италија со радост ги поставуваше па бришеше од својот фејсбук профил. Исто така, заборава Филипче дека за неа никогаш при влезот во земјата не беше направена епидемиолошка анкета, како и дека во разгорот на епидемијата нејзината несовесна постапка прикривајќи ги симптомите на зараза со коронавирус, околу 200 здравствени работници беа ставени во карантин. Секако, и Цаца Биљановска е граѓанка, но јасно е дека Филипче ниту помислува на неа кога ги критикува граѓаните а заборава на пропистите на здравствените власти.

„Сега по три месеца сме на една раскрсница: дали постепено да го враќаме животот во нормала и граѓаните да се придржуваат до мерките за дистанца и заштита или пак, доколку мерките не се почитуваат агоноијата да продолжи и после неколку месеци повторно да воведуваме ресткритни мерки. За жал многу граѓани беа жртви и во ризик од оние граѓани кои овие мерки не ги почитуваа. Факт е дека вирусот нема да замине и ќе мораме да научиме со вирусот, но ќе мораме да се заштитиме. Задолжително носење маска, одржување дистанца и често миење на рацете. За жал, добар дел од граѓаните не се придржуваат до мерките, па и не веруваат дека вирусот постои. Ние со мерките продолжуваме атаму и тоа е клучот со кој го враќаме животот во нормала. Целосно сме подготвени да се носиме со ситуацијата“, рече Филипче.

Министерот, меѓутоа, не објаснува зошто доколку наведените епидемиолошки мерки се доволни за заштита од коронавирусот, сега, кога бројот заразени во земјата нема драстично намалување на дневно ниво, биле воведени рестрикциите и полицискиот час.

Покрај тоа, доколку инкубацијата од заразата со вирусот е меѓу 14 и 28 дена, според различните странски научни истражувања, допрва треба да се со очекуваат нови големи кластери инфекции. Во тој случај, и доколку била евидентирана недисциплината на граѓаните изминатиот викенд, нема никаква смисла министерот за здравство да се согласи на укинување на јавноздравствените мерки.

„За жал, до овој момент многу граѓани беа жртва и во ризик од граѓани кои овие мерки не ги почитуваа. Ние практично три месеца се справуваме со коронавирусот, неколкупати кажавме дека првата битка е добиена, но борбата ќе трае, ќе мораме да научиме да живееме со вирусот, но мора да се заштитиме. Сакам да кажам дека целосно сме подготвени да се носиме со ситуацијата. Очигледно е дека вирусот е тука и ќе биде тука, веројатно ќе чекаме вакцина и колективен имунитет, иако е тоа далеку. Да се почитуваат сите мерки, да се носат маските, да се дезинфицираат рацете, да се мијат. Сите сме одговорни“, рече Филипче повторувајќи ги најавите за „втор бран“.

Всушност станува збор за политички обид на министерот за здравство вината за најлошите показатели за смртноста и бројот на заразите да ја префрли повторно врз „недисциплината“ на граѓаните.