![filipce sitel](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/08/filipce-sitel.png?resize=696%2C464&ssl=1)
Навремено пристапивме кон сите можни извори за да обезбедиме вакцини – подоцна од очекувањата профункционира Ковакс – во кој многу повеќе верувавме да биде брз и ефикасен, но така беше во сите земји во севтот. Потоа во нашите директни разговори од производителите – едноставно луѓето велеа дека не се заинтересирани за нас, рече министерот за здравство Венко Филипче во „Само интервју“.
Тој не чувствува одговорност за доцнењето на вакцините затоа што, вели, од ноември интензивно се работи на нивна набавка и навремено било пристапено кон сите можни извори за да се обезбедат.
– „Фајзер“ е контактиран уште на почетокот на ноември, првпат ни дадоа позитивен сигнал на крајот на декември, имаа и специфични барања. Потоа сите други за кои чекавме да завршат клиничките испитувања… Механизмот на ЕУ не профункцонира зашто и самите европски земји не добија онолку вакцини колку што сметаа дека треба да добијат. Голем проблем е се уште со достапноста поради недоволно производство, било каде во светот, освен Србија која е исклучок. Ние направивме буквално се, сите механизми и сите обиди. Работевме интензивно, секојдневна комуникација сите овие месеци – рече Филипче во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Министерот оцени дека добро е поставен и функционира системот за вакцинација – постарите од 77 години примаат „Астра Зенека“ (пријавени на оваа возраст се околу 20 илјади), а граѓани од т.н. критична инфраструктура (околу 11 000-12 000) добиваат вакцина „Спутник“ и имунизацијата кај нив ќе заврши следната недела.
– Вакцинирањето нема да прекине, има за следните три недели со „Астра Зенека“. Распоредите се прават за следни недела-две, за пунктовите низ земјата и во спортската сала. Сега се вакцинираат 3000-4000 дневно. Нашиот план е помеѓу 7000 и 10 000 на ден. Апелирам да се пријават сите на сајтот вакцинација.мк, така системот ќе ги генерира приоритетите по возраст и, евентуално, со коморбидитети. Битно е да се вакцинираат меѓу 60 и 70 отсто од населението, за да се постигне колективен имунитет – истакна Филипче.
Тој нагласи дека нема контраиндикација кај ниту една вакцина во однос на болести и сите се рзвиени на безбедни платформи. Само за „Астра Зенека“ бордот на ЕМА утврди поврзаност со тромботични ефекти кај помлади лица, веројатно, како што рече, поради хормоналната активност.
Филипче повика дека треба да се вакцинира секој, без разлика дали има или нема антитела, а тие што прележеле ковид-19, по три до четири месеци од болеста. Дали треба да примат една или две дози, рече, варира од вакцина до вакцина.
– Не се знае каква ќе биде иднината во однос на вакцината, дали ќе треба трета доза или ќе биде сезонска, но ова е единствен начин да се смени сликата на епидемијата. Аплелирам на масовна вакцинација, да престанат антикампањите зашто сериозно може да го нарушат процесот – додаде Филипче.
Овој месец се очекуваат и вакцините од директниот договор со „Фајзер“ и целата количина на вакцините „Синофарм“ од Кина односно 200 илјади во една пратка. Во однос на тврдењата на опозицијата за земање провизија преку фантомска фирма во нивната набавка, Филипче повтори дека се работи за лажни и сериозни обвинувања.
– Антикорупциска комисија нека ја заврши работата за обвинувањата и фабрикуваните вести. Не станува збор за никакви провизии, ништо нелегално. Документите со кои мавтаа се лажни. Ниту имало исплата, ниту релација со таква компанија. Жал ми е што покрај со пандемијата, се бориме и со лажни вести на опозицијата – рече Филипче.
Тој појасни дека откако не добивале одговор од официјалното претставништво во Кина, ургирале преку овдешни кинески компании за да стапат во контакт со „Синофарм“, но МНР на Кина укажало дека преферираат официјални контакти што тие ќе ги препорачаат и затоа биле вратени парите од уплатата.
За фејсбук-преписката со претседателот Стево Пендаровски по масовното вакцинирање на македонски граѓани во Србија, министерот за здравство одговори дека реагирал на тој начин зашто било направено се за да се набават вакцините, искористени биле сите механизми и, сепак, рече, веќе бил почнат процесот на вакцинација со здравствените работници што работат со ковид-пациенти.