Филипче: Нема да има проблеми на пописот и изборите, ако се почитуваат протоколите

Епидемиолошката состојба ќе биде основа какви мерки ќе има во наредните месеци кога ќе има попис и локални избори, но ако се почитуваат протоколите нема да има проблеми, оцени министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има промени во мерките и поради овие два процеси.

– Ние минатата година дадовме препораки да нема големи митинзи и немаше и тоа што е важно е тоа што сите и политичките партии треба да знаат дека има препораки за тоа како собирите се организираат. И сега има општи препораки за организирање собири или настани на отворено или на затворено – колкав треба да е капацитетот зафатен од вкупниот капацитет на располагање, дистанците коишто треба да се држат и во рамките на одржувањето на настаните во рамките на протоколите ние не гледаме проблем. Значи, проблем има секогаш кога протоколите не се почитуваат – истакна министерот.

Тој потенцира дека болниците во другите градови низ државата за разлика од Тетово и Гостивар не се преполни. Го поврзува тоа со повисокиот опфат на вакцинација и се надева дека така ќе остане.

– Да, има случаи на заболени со ковид-19 после вакцинација, а претходно кои прележале и се исклучително малку. И тука знаете за оваа болест сè уште медицината не дала одговори на сè. Веројатно ќе помине подолго време да се види зошто е тоа карактеристика на имуниот одговор, зошто има пациенти коишто имаат лесна форма на болест – некои средна, некои тешка, некои за жал умираат се лекуваат по истите критериуми како и тие коишто се спасиле, а имале тешка форма на болест и сите овие сценарија коишто ги имаме кај вакцинираните. Значи, се уште многу аспекти во однос на предизвикувачот во однос на болеста се непознати. Меѓутоа, тоа што се знае е дека вакцината сигурно за 20 пати го намалува ризикот од смртен исход. И сега кога гледате во болниците околу 85 проценти се невакцинирани и затоа е повикот, акцентот сега не само кај нас, туку насекаде во светот да се заштитиме со вакцинација – рече Филипче.

По најавените нови пунктови за вакцинација во Тетовско, Филипче потенцира дека сега се менаџира тоа поради почетокот на школската година.

– Добар дел од здравствениот кадар беа на годишни одмори, па ние некаде ги прекинавме годишните одмори, некаде и доброволно се вратија тие коишто не беа заминати од земјава на работа за да се отворат дополнителни пунктови. По тој механизам се отвори и пунктот во салата „Борис Трајковски“ вчера во Скопје – рече Филипче.