Филипче: Притисокот врз болниците е намален, а индискиот сој на ковид-19 е најопасен, но го нема кај нас

На денешната прес-конференција пред вакциналниот пункт „А1 Арена“ во СРЦ „Борис Трајковски“, министерот Филипче истакна дека сега е навистина мал бројот на новодијагностицирани случаи, нешто што се чувствува и по притисокот во болниците. Тој потенцираше дека во моментов најопасна е индиската варијанта на ковид-19, поради тоа што има двојна мутација на вирусот.

– Во нормална работа се вратени голем број ковид центри, тоа е практично цела хируршка клиника, добар дел од интерните клиники, а веројатно до крајот на оваа недела и целата зграда на интерните клиники ќе биде вратена во нормална функција. Во нормална функција е вратен и Центарот за рехабилитација во Козле, како и детската болница во Козле – информираше Филипче.

Тој вели дека капацитетот на исполнетост во болниците ширум државата е во просек меѓу 20 и 30 проценти, што значи дека само во инфективните одделенија или во модуларните одделенија во зависност од организацијата на работата, се третираат ковид пациенти. Ова значи дека спласнува притисокот на вирусот, а здравствените власти велат дека тоа го детектирале и во околните земји, односно во целиот регион има стивнување на состојбата.

– Еден од заклучоците кој беше донесен на минатиот состанок на Комисијата за заразни болести беше дека овие мерки кои сега се на сила, треба да останат со важност до први јуни, односно и оваа и следната недела, а понатаму, во зависност од тоа како ќе се одвива епидемијата и дали овие добри трендови ќе продолжат и натаму, ќе се размислува евентуално да се одговори на некои барања на угостителските објекти – рече министерот.

Филипче рече дека на сила и натаму е препораката за карантин на сите патници од 14 дена кои доаѓаат од Индија, Африка и Јужна Америка- Нашите сознанија говорат дека најопасна варијанта во моментов на вирусот е индиската, која е нешто понтагиозна, има дупла мутација на спајкот на протеинот. Но, засега, ниту кај нас, ниту во регионот, ниту во регионот на ЈИЕ, нема некаква најава дека нешто подраматично се случува во смисла на влошување, но сепак, будно ја следиме ситуацијата – изјави првиот човек на здравство.

Вакцинацијата добро се одвива, близу 200.000 граѓани се вакцинирани, 30.000 се ревакцинирани, што значи близу 220.000 дози се аплицирани.

Според Филипче, во овој момент се вакцинираат сите граѓани кои се пријавени на системот вакцинација.мк, над 40 години, дополнително, се вакцинираат граѓаните над 65 години од оние кои беа дополнително пријавени после први мај.

– Вакцините се дистрибуираат согласно бројот на пријавени граѓани и еден мал дел што се приоритизира како групи, а тоа се пациенти кои се на дијализа, трансплантирани пациенти, а понатаму ќе се прават расппореди согласно препораките на Комитетот за имунизација за вакцинацијата следната недела – рече Филипче.