
Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и часовите на трите одделенија да почнуваат во различно време, со дистанца од 10 минути
Нашата препорака е само децата од првите три одделенија физички да присуствуваат во училиштата во новата учебна година. За време на одморите да не се излегува од училниците, а со настава да почнуваат со временска дистанца од 10 минути, истакна вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој во гостување на ТВ Сител посочи дека изготвените протоколи се базираат на истите принципи на превенција од болеста, а тоа е носењето маска, седењето на дистанца и задолжително почесто миење и дезинфекција на рацете.
„Има многу барања и размислувања и многу дилеми. Следиме и гледаме многу искуства од повеќе земји. Приоритет ќе биде заштита на здравјето на граѓаните. Почетокот на школската година претставува сериозен ризик да се влоши епидемиолошката ситуација, затоа што голем број деца би биле во затворени простории, со можност да комуницираат многу интензивно повеќе денови во текот на неделата помеѓу себе“, рече Филипче.