По пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, а 12 беа повредени, оставка од морални причини понуди министерот за здравство Венко Филипче. Неговиот заменик и двајцата директори на тетовската болница поднесоа оставки. Во меѓувреме тече истрагата на истражните органи, а во неа ќе се вклучат и германски експерти од Федералната криминалистичка полиција кои деновиве треба да пристигнат во земјава.
Во обраќањето до јавноста, Филипче рече дека нема зборови што може да ја опишат или да ја надоместат загубата на семејствата на починатите.
– Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа можат да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа од морални причина понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев, рече Филипче.
Претходно, оставки поднесоа заменик-министерот за здравство Илир Хасани и двајцата директори на тетовската Болница.
– Во овие тешки моменти за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам никаква врска со процедурите за модуларната болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е најмалиот чин што можам да го направам во овие моменти, за да ги почитувам жртвите, повредените, јавноста и најмногу јас. Нема ништо над достоинството, напиша заменик-министерот Хасани на социјалните мрежи.
Двајцата директори на тетовската болница кои преку социјалните мрежи информираа дека поднесуваат оставки од морални причини, изразија надеж дека истрагата ќе заврши што е можно поскоро и дека ќе се разјаснат причините за пожарот.
– По ваквиот трагичен и немил настан, оваа одлука е неизбежна. Во исто време, се надевам дека целосната истрага ќе заврши што е можно поскоро и ќе се разјаснат причините за пожарот во модуларниот центар на Тетовската клиника за пациенти со Ковид-19, напиша директорот на тетовската Болница Фљорин Бесими.
Паралелно со ова, во тек е истрагата за утврдување на причините за пожарот. На терен работат петмината јавни обвинители. Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека се преземени мерки за обезбедување на видео-снимки од Клиничката болница, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбените згради и куќи, како и видео-материјал објавен од индивидуални поединци и на социјалните мрежи. Издадена е наредба за одземање на целокупната документација од болницата и од изведувачот на градбата во врска со изградбата на модуларната болница. Сослушани се дел од сведоците кои биле на местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната ковид болница. Донесена е и наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката.
Во истрагата се вклучува и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе ги истражува јавните набавки за изградба на модуларните болници. Вчера до Бирото за јавни набавки и до Министерството за труд и социјална политика издадена е наредба за обезбедување на целокупната документација поврзана со изградбата на модуларните болници.
– Постапката е во насока на проверка на спроведувањето и реализацијата на јавните набавки за изградба на модуларните болници во државава. За таа цел, денеска до Бирото за јавни набавки и Министерството за труд и социјална политика е издадена Наредба за обезбедување на севкупната документација поврзана со изградбата на сите 19 модуларни болници. Прибраните материјални докази ќе бидат предмет на анализа во насока на утврдување дали документацијата за спроведената јавна набавка соодветствува со техничката документација за овие објекти, информираше Јавното обвинителство.
Министерството за здравство претходно соопшти дека ја доставува на увид целосната документација за модуларните болници.
– Стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид-центри во државата, истакнаа од Министерството за здравство.
Оттаму информираа дека по поставувањето на модуларните болници од страна на изведувачот,, извршено е примопредавањето кое го правеле инженери од министерствата за здравство и за труд и социјална политика и претставници од изведувачот и болниците.
– Откако изведувачот ќе ги поставеше модуларните контејнери се вршеше примопредавање на истите. Примопредавањето го правеа инженери од МЗ, МТСП, како и претставници од изведувачот и болниците, со што модуларните контејнери се предаваа на болниците во целост согласно техничките спецификации од договорот, посочија од Министерството.
Вчера заврши и обдукцијата и идентификацијата на починатите кои се на возраст од 29 до 78 години. Осум од жртвите се жени, а шестмина мажи.
Јавното обвинителство потврди дека од 14-те починати во пожарот, 12 биле пациенти во болницата, а двајца посетители. Оттаму посочуваат дека се истражува причината за присуството на двајцата посетители, односно дали тие подолго време биле присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите блиски.
По налог на Обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од Ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот.
– Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на Обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот, информираше Обвинителството.
Од Ковид центарот во Тетово вчера информираа дека 12-те пациенти кои беа спасени во пожарот се во добра здравствена состојба без повреди од огнот.
– Пациентите кои се спасени се во релативно добра здравствена состојба, кај нив нема знаци на повреди од огнот, немаат кожни или други проблеми од инцидентот таа вечер. За среќа, тие пациенти кои се префрлени во други одделенија за кратко време, биле во подобра здравствена состојба и немало проблеми во тој вакуум при преместување од едно во друго одделение, при транспорт немало проблеми, изјави вчера д-р Гзим Нуредини.
Во пожарот кој избувна во средата вечерта повредени беа и двајца пожарникари. Според сведоштвото на едниот од нив, Игор Симовски, пожарот се гаснел под голем ризик, а пожарникарите се соочиле со висока температура поради присуството на боците со кислород.
– Електричната енергија не беше исклучена, кислородот не беше исклучен и не можеше да се влезе, се гасеше под голем ризик. Можеше да настрада и некој пожарникар од струен удар, имаше детонации од боци, мене ми пукна боца под колено. Ме однесоа до хирургија, примив помош и инфузија. Сега сум добро. Еден колега при пад има истегнување на лигамент. Морам да ја потенцирам големата храброст на колегите што беа на работа, бидејќи знаеја какви услови и каква опасност има внатре. Иако сите знаеја дека струјата не е исклучена – уште кога дојдовме почнаа да пукаат жиците, продолжија со работа за да се изгасне огнот, изјави вчера Симовски.
Според неговите проценки, првото противпожарно возило стигнало на лице место за четири минути, но објектот веќе бил целиот во оган.