Филипче се надева на одложување на протестот „Стоп 5Г и вакцините“

Протестот насловен како „Стоп 5Г и вакцините“, кој е закажан за оваа сабота на 16-ти мај е во организација на група граѓани, а министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека се надева оти организаторите на протестот, ќе се премислат и ќе го одложат.

Филипче истакна дека е од „исклучителна важност“ во моментов кога, според неговата оцена, ситуацијата со коронавирусот стивнува, граѓаните да „издржат уште малку“ и да не се групираат за да не придонесат до нови пациенти со короанвирусот.

„Искрено верувам дека организаторите ќе го откажат протестот, заради тоа што сакам да се свесни. Би сакал и да поразговарам со организаторите да видам зошто сметаат дека треба да се укине полицискиот час и да ги презентираме вистинските научни аргументи зошто тоа го правиме. Ако дојде, сепак, до таков протест, верувам дека соодветните институции ќе интервенираат да биде барем со соодветните мерки, носење маски и да биде на дистанца“, рече Филипче

Додаде дека воведените рестриктивни мерки довеле до тоа да има многу малку пациенти со Covid-19 и овозможиле здравствениот систем да се справи со ситуацијата.

„Искрено се надевам дека граѓаните се свесни дека овие рестриктивни мерки, оној целосно затворен викенд за Велигден, сериозно долгиот полициски час неколку недели. После тоа соодветното димензионирање на полицискиот час во викендите што следеа, практично нè донесоа до тоа да имаме многу малку пациенти. Знам дека е тешко и им благодарам на граѓаните и им честитам што издржаа, заради тоа што тоа беше вистинска инвестиција во сопственото и во колективното здравје“, заклучи министерот за здравство.