Филипче: Се подготвуваме за втор бран на коронавирус наесен, за тогаш ќе ги опремиме одделенијата

Коронавирусот многу веројатно ќе има и втор бран покажуваат сите досегашни студии, но и искуства од други епидемии. За него се подготвуваме согласно консултациите кои ги имаме со повеќе земји, со СЗО, но и со поединечни случаи од повеќе земји. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Се подготвуваме за новиот бран на вирусот наесен и ќе го пречекаме поподготвени за да го заштитиме здравјето за граѓаните, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Ќе ги опремиме, посочи тој, сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, дигитални рендген апарати, ехи апарати и се друго што е потребно за да се пружи соодветна здравствена заштита.

„Покажавме што значи да се работи во интерес на граѓаните и како одговорно и навреме се делува во случај на криза, покажавме дека умееме одлично да се носиме со големите предизвици и кризи и тоа уште подобро ќе го правиме кога и да го имаме пред нас повторно предизвикот за заштита на јавното здравје и граѓаните“, додаде Филипче.