Нема промена во бројот на заболени од коронавирусот. Состојбата на заболените е непроменета. Дали ќе се прогласи вонредна или кризна состојба е небитно. Важно е да се имплементираат мерките кои во даден момент треба да се спроведат. Нашиот пристап е поостар и понавремен, изјави министерот за здравство Венко Филипче за „Утрински брифинг“на „Слободна ТВ“.
– Битно е да се имплементираат мерки кои во даден момент треба да се спроведат. Нашиот пристап е поостар и понавремен. Ние направивме и спроведовме мерки во времето кога другите земји тоа не го направија. Тоа е суштината во справување со овој проблем. Што помалку движење, помали шанси да се пренесе вирусот. Во Италија имаше сценарио во кое многу носители не беа свесни. Затоа сакаме да стивнат движењата. Тоа е единствениот начин да се спречи инфекцијата, истакна Филипче.
Во однос на заболените, Филипче рече дека нивната состојба е непроменета и оти многу внимание се посветува на пацентката која е на респираторна машина.
– Непосредно после поставување на машина, тие параметри кои очекувавме да се подобрат, се подобрија, но тоа не мора ништо да значи. Компликација може да настапи во било кој момент. Нема новопријавени пациенти, нагласи Филипче.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека го очекуваат секое можно сценарио во однос на развојот на ситуацијата со коронавирусот кај нас.
– Во Дебар и околината тоа е можно. Имаме вирус кај кој нема правила, сѐ уште има непознати. Излезе дека се пренесува не само преку воздухот, туку и со валкани раце, повеќе денови останува на површините, дури и на асфалтот. Во Италија пронашле и на обувките, контролните брисови тоа го покажале. Се смета дека е безбедна дистанца метар ипол до два – рече министерот.
Статистиката покажува дека во земјава од 18 пациенти, 10 се луѓе од 55-годишна возраст.
– Младите се пренесувачи. Најкритична група се повозрасните, особено оние со хронични болести, смртноста е најголема кај нив. Тоа го покажаа Кина и Италија. Но, никој не е поштеден, сега имаме заразено момче и на возраст од 15 години. Добар дел од ширењето е од младите луѓе – рече министерот.
Тој најави дека оваа недела завршува постапката за набавка на респиратори и стигнуваат уште 50, а има шанса да обезбедиме уште 50 за една недела до 10 дена.
Амбасадорот на Кина ја понудил нивната помош за размена на искуства меѓу нивните експерти и нашите епидемиолози, па може да добиеме уште 200 машини од Кина.