Филипче смета дека Собранието треба да работи онлајн

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека пратениците треба да се реорганизираат и да работат од дома – онлајн додека не стивне пандемијата. Позитивен на ковид-19 е пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој е на Инфективната клиника. Тој е во добра состојба. Коронавирусот без симптоми го поминува и пратеникот на СДСМ од Охрид, Лазе Таневски, кој е во изолација. Се уште течат епидемиолошките анкети кои треба да покажат колку пратеници евентуално се суспектни на вирусот.

„Наша препорака од почетокот на кризата е секој што може да работи од дома, онлајн, тоа и да го направи. Тоа важи и за Собранието. Впрочем и пратениците треба да се свесни дека на тој начин го штитат нивното здравје. Нема потреба од групирање, нема потреба од преземање на таков ризик. Еве и сега поразговарав со дел од пратениите кои беа тука присутни и го препорачав истото“, рече Филипче кој денеска како дел од владина делегација положи свежо цвеќе пред Споменикот на борците кои паднаа за Скопје.

Следната редовна седница на Владата во вторник, на која се очекува да поминат здравствените препораки за задолжително носење маска на отворено и забрана за групирање во домовите, ќе се одржи онлајн. Премиерот Зоран Заев кажа дека таквата опција за заседавање е по препорака на министерот за здравство и очекува на истиот начин да се реорганизира и работата на Собранието. Тој верува дека власта и опозицијата ќе се договорат да работат онлајн и на таков начин да биде изгласан и Буџетот.

„Ние сè уште немаме лице со симптоми или заразено, но, по препорака на министерот Венко Филипче и Комисијата за здравствена заштита, ни беше укажано дека согласно бројките треба да се подготвиме за онлајн владини седници. Верувам дека и Парламентот ќе биде многу разумен и ќе ја воспостави онлајн работата затоа што тоа го направија, колку што гледам, речиси сите парламенти и во регионот и во Европа“, рече Заев.

Заев потенцира дека многу е важно институциите да функционираат, да бидат будни за да го следат есен период во кој бројките на новозаразени со ковид-19 се високи.

Вчера имаше рекордна бројка на новозаразени во едно деноноќие во земјава од почетокот на пандемијата, вкупно 393. Веќе нема место на Клиниката за инфективни болести во Скопје, па во функција е ставена модуларната болница до клиниката за која Филипче очекува дека првите пациенти ќе ги прими уште денеска.