При отворањето на новиот изборен штаб во Прилеп, поранешниот министер за здравство и носител на листа во ИЕ 4 Венко Филипче, рече дека ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаква промена и тоа граѓаните го знаат и го гледаат.
Тој истакна дека тоа се истите луѓе кои порано биле во третиот ешалон во владите на Груевски и дека ВМРО-ДПМНЕ ги нуди истите кадри и политики од пред 2017 година.
– ВМРО-ДПМНЕ има една единствена цел како да ги оствари личните и партиски цели. Ним им се важни само политички кариери и владини фотелји, граѓаните ќе ги заборават преку ноќ ако дојдат на власт. Со право многумина велат дека тие биле најдеструктивната опозиција во историјата на македонскиот парламент – рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ само за политички поени ги блокирала антикризните мерки и финансиската поддршка за граѓаните во време на пандемија.
Филипче истакна и дека прилепчани не се задоволни ниту од локалната власт.
– Погледнете ги Прилеп и градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали се прилепчани задоволни? Секако дека не се, ова е само пример како ќе работи ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво доколку дојде на власт – рече Филипче.
Носителот на листата во изборна единица 4 вчера вечер присуствуваше на отворање на нов изборен штаб во Прилеп. Пред неколку стотини присутни во победничка атмосфера, Филипче потсети на работата на Владата и кризите со кои се соочуваше државата изминатите години.
– СДСМ имаше тешки седум години владеење во исклучителен кризен период во светот и регионот. Ниедна влада не се борела со три последователни кризи. Се боревме со Ковид, па со економска криза, па на крајот и со енергетската. Згора на сѐ, одлучно се нафативме да ги решаваме клучните стратешки прашања за земјата. Ова не е алиби за дел од грешките кои ги правевме и мора да ги исправиме во иднина, но е сериозна потврда за издржливоста и напорната работа која ја вложивме. Милиони и милиони евра директно ги вративме кај граѓанитие по основ на покачени плати, финансиски олеснувања и шест пакети антикризни мерки. Сите политики на СДСМ беа насочени за да може полесно заеднички сите да ги пребродиме кризите. И ова не е малку, ниту беше лесно. Заради ова, ние имаме право да побараме поддршка од граѓаните со крената глава – истакна Филипче пред прилепчани.
Тој на крајот порача дека само обединет СДСМ може да победи и дека е време сите да ги остават суетите на страна и да застанат зад заедничката цел – победа на изборите.
– Јас верувам дека можеме да направиме резултат кој никој не верува дека ќе го направиме. Но, за тоа прво ни е потребна една работа, еден предуслов, да бидеме обединети. Нашите противници нѐ делат и во медиумите нѐ претставуваат како поделени, тоа е во нивен интерес. Ниеден член на СДСМ, ниеден симпатизер нема корист ако партијата е поделена, од тоа корист имаат само оние кои ни мислат добро. Јас знам дека на крај ќе излеземе обединети и ќе им го покажеме местото – заклучи Филипче.