Лидерот на опозициската и полураспадната СДСМ, Венко Филипче, вчера се обрати јавно и упати повик за заедничка, натпартиска стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.
Човек да незнае дали да плаче или да се смее.
Филипче и СДСМ иницираат натпартиска стратегија која ќе гарантира долгорочен развој на Македонија?! Сега им текна. Види мајката! Откако ја опустошија, разграбаа и демонтираа државава, уздуж и попреку. Откако ги расштрафија сите државни институции, во изминатите седум години додека беа на власт со ДУИ. Сега ќе не’ спасувале. Ќе не’ обединувале. Па, нели им кажал некој во тоа нивното дувло на Бихаќка дека народот во Македонија се обедини уште пред шест месеци. Обединето, заеднички сите излеговме на избори. Се обединивме против корумпираните политичари кои изминатите седум години ни ја менаџираа државава. Поточно ни ја пустошеа. Шест месеци поминаа од изборите, и овие во СДСМ уште не им е јасно дека македонските граѓани се обединија против нив и против ДУИ.
Што треба сега да веруваме? Дека Венко Филипче е новиот спасител на Македонија? Новото лице во политиката? Новата идеја? Човек без политичко бреме и без афери? Сидро кое ќе не’ влече напред, што би рекол неговиот заштитник Заев?
Друже Венко, не бива таа работа. Нека не те лажат. Не бива политички лидер-спасител од тебе. Преголем негативен политички товар носиш на твоите плеќи. Од она несреќно време за Македонија, кога твојот партиски заштитник Зоран Заев беше премиер на земјава. Ти друже Венко беше дел од таа власт. Беше министер тогаш во таа влада, во тие за Македонија несреќни денови, месеци, години… катиљ време за Македонија.
Како бре друже Венко тогаш не ти текна да иницираш платформи национални? Тогаш кога ви го бутнаа на потпис оној Преспански договор? Или на пример оној договор со Бугарија? Како тогаш не ти текна да викнеш гласно и јавно дека пред да се става параф на такви документи потребно е обединување и единство во Македонија? Наместо тоа, ти и тогашната влада вршевте пресија врз граѓаните вработени во јавниот сектор да не излегуваат на оној референдум кој ве закопа како власт. Ама и покрај се’ насила го сменивте името на Македонија. Твојата партија нареди брусење на Сонцето од Вергина дури и од шахтите по улиците. Твојата партија судски прогонуваше граѓани за пишани статуси по социјални мрежи, казнуваше зошто го изговараат името Македонија, зошто го веат знамето со шеснаесеткракото сонце. Та, дури и на Карневалот во Вевчани се избрукавте. Се обидовте да го забраните, додека ти беше министер за здравство.
И сега повикуваш на „дефинирање на клучни проекти во здравството и во образованието“. А, беше дел од влада која го укинуваше предметот историја!
Твојата партија СДСМ правеше се’ што е потребно, само за да се задоволат надворешните фактори, или подобро речено душмани на Македонија.
Само една обично глума се сите овие предлози на Филипче. Ништо повеќе. Требаше на вакви работи да се сети СДСМ додека беше на власт, додека седум години ги менаџираше сите државни институции, заедно со ДУИ. Но, тогаш нивната самобендисаност, ароганција и надменост не им го дозволи тоа.
Сега е многу доцна друже Филипче, а друго па и ти не си баш некој кредибилиен лик за такви политички чекори!
Автор: Дејан Николовски