Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја, вели министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според министерот, сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.
– Сега со пристигнувањето на оваа значајно голема количина на вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот Синофарм и количината од 500 илјади вакцини од производителот Синовак до крајот на месец мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канали кои што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај ќе добијат термин за вакцинација преку СМС порака или меил со точно време и пункт каде треба да се јават – вели Филипче.
Министерот вели дека нема никакви дилеми околу ефикасноста на кинеската вакцина Синовак.
– Сите вакцини се еднакво ефикасни во однос на спречувањето на тешка форма на болест и од смртен исход како резултат на болеста и тоа е потврдено со сите клинички испитувања, со сите испитувања коишто се понатаму направени. После давањето на апликација голем број на земји, сериозно големи земји, ја дистрибуираат таа вакцина, на пример Турција, понатаму Бразил, таму се резултатите навистина добри, нема никаков сомнеж во ефикасноста на ниту една вакцина, впрочем тоа што и Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови сега ги евалуираат и сите други вакцини од други производители кои засега од нив не се одобрени, ни укажува на тоа дека сите вакцини се ефикасни и дека комбинацијата на вакцини конечно треба да биде и ефективна, односно да ја смени сликата на пандемијата насекаде во светот. Нема земја, освен некои ретки кои се производители на вакцини кадешто ексклузивно се користи само еден тип на вакцина од еден производител, тоа е навистина голема реткост и затоа и во нашите разговори со еврокомесарот Оливер Вархеји ни беше укажано дека за патување во ЕУ како еден од условите, кога станува збор за вакцината, ќе бидат прифатени сертификатите за вакцинација со вакцини одобрени и од ЕМА и од СЗО, а сега е постапката за буквално сите вакцини – вели Филипче.
Министерот во интервјуто зборува и за аферите поврзани со набавката на вакцините и нивната цена.