Филипче: Во јануари ќе пристигнат фрижидерите за вакцината од Фајзер

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување на телевизија Сител, потенцираше дека изминатиот период интензивно се работеше на координација и подготовка на здравствениот систем за вакцинацијата против ковид-19.

На средбите, економските оператори кои и сега складираат и дистрибуираат други вакцини од имунолошкиот календар на Министерството за здравство покажале волја и подготвеност да бидат дел од системот на прием, чување и дистрибуција на вакцините против ковид-19 до нашите здравствени домови.

Тој истакна дека во месец јануари 2021 година ќе пристигнат фрижидерите на -70 степени за вакцината од компанијата Фајзер.

Филипче информираше дека преку три механизми бараме по 800 илјади дози вакцини, а целта е да се вакцинира 60% до 70% од населението, повторно нагласувајќи дека први за вакцинација ќе бидат здравствените работници, посебно оние кои работат со ковид пациентите, понатаму повозрасните граѓани над 65 години, пациентите со хронични болести, осоебно оние со хронични болести на белите дробови, срцето.Вакцината ќе биде бесплатна за граѓаните и на доброволна основа, но со цел да се подигне свеста за потребата од вакцинација, Филипче најави дека се подготвува кампања, воедно и дека ќе бидат преземени сите мерки, вклучително и повикување на одговорност за оние кои ќе шират лажни вести во врска со неефикасноста на вакцината или нејзината поврзаност со некои болести.

„Видовме и бевме сведоци на силна антиваксерската кампања минатата година за време на епидемијата со морбили. И тогаш имавме сериозен проблем. Но сега, повеќе од било  кога е јасно какви се ефектите и последиците од болест за која немаме вакцина.“, посочи Филипче.