Филипче: За колективен имунитет е потребно 60 до 70% од населението да се вакцинира

За колективен имунитет 60 до 70 отсто од населението треба да се вакцинира, тоа е генерално правило за имунизација и нешто што може да ја сериозно да ја смени сликата со вирусот, истакна министерот за здравство, Венко Филипче во текот на синоќешното   гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 кога зборуваше за вакцините и стекнувањето на колективниот имунитет.

„Тоа што светот не го знае е како ќе се димензионираат превентивните мерки понатаму и по вакцинацијата“, истакна Филипче.

Во однос на реакциите по вакцината, Филипче рече дека нема нешто што отскокнува, нешто ризично или застрашувачки. Реакциите се вообичаени, досега нема публикации кои укажуваат на нешто невообичаено во споредба со другите вакцини. Конкретно, рече Филипче, во 2019 година  во МАЛМЕД од други вакцини има само еден случај на несакани дејства и нагласи дека станува збор за прилично сигурен начин и развој на вакцини.

„Станува збор за имитација на инфекција, значајно ослабен вирус, тоа што може да се случи е мала треска, температура, црвенило. Не е публикувано за некакви сериозни несакани дејства“, рече Филипче.

Во однос на временскиот опсег, колку време вакцината штити од инфекција, Филипче посочи дека од она што досега се знае, станува забор за период од 6 до 9 месеци.

„Останува да видиме како ќе се одвива степенот на имунизацијата, колкав ќе биде титарот и дали можеби Covid-19 ќе помине во форма на некаква сезонска инфекција. Досега се прилично сигурни доказите дека сосема е доволна количината на антителата од вакцината за да го заштитат лицето од инфекција“, додаде министорот за здравство

На прашањето дали треба да се вакцинираат и луѓето кои прележале Covid-19 и дали тоа што ја поминале болеста ги штити од повторна инфекција, Филипче потсети дека во изминатиот период гледавме многу различни сценарија во епидемиолошката,  клиничката и пост-ковид слика. Во смисла на асимптоматски пациенти, пациенти со лесна клиничка слика, средна форма на болеста лица кај кои болеста завршила со летален исход.

Така што и во пост ковид, сценаријата се ралични – луѓе со антитела и висок титар, понатаму пациенти со низок титар, луѓе кои прележале и имаат антитела, но повторно се заразиле. Во контекст на ова, Филипче рече и луѓето кои ја прележале болеста можат да се вакцинираат.

Филипче заклучи дека во однос на Covid-19 допрва ќе треба да учиме и анализираме, а медицинската наука ќе треба да даде одговор на уште многу прашања.

Најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт-договор со компанијата „Pfizer“. Во однос на реакциите по вакцината, Филипче рече дека нема нешто што отскокнува, нешто ризично или застрашувачки.