Филипче за случајот со родилката во Тетово со некроза на матка

74

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека прво треба да се направи анализа за случајот во кој родилка од Тетово со некроза на матка заврши во Скопје, да се изврши увид и стручен надзор, а се што ќе добијат како документ, како што најави, ќе биде соопштено јавно.

– За секој еден од случаите, каде било, дали се работи за болница во Тетово или ширум државата, апсолутно сме биле и до сега, а верувам така и ќе продолжи, транспарентни за било што да се испита. За секој случај за кој ќе стигне пријава или забелешка се оди по патот кој што е вообичаен, а тоа е прво да се направи надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тоа е процес во кој се анализираат документите, дали се запазува административната процедура и потоа врз основа на тоа се утврдува употреба на стручен надзор, кој го извршува Лекарската комора или Министерството за здравство, изјави Филипче во одговор на новинарско прашање, по посета на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.

Тој напомена дека се што ќе стигне како документ ќе објават јавно. Филипче додаде дека експертите се независни и обично доаѓаат од други институции, не од институција каде што има ваков случај, и додаде дека верува во експертизата на кој било од колегите.

Во однос на ситуацијата на Клиниката за пулмологија во Скопје, каде пациент синоќа ја извадил маската преку која примал кислород и запалил цигара, предизвикувајќи пожар, Филипче нагласи дека ова е нешто што ни укажува дека сите треба да бидеме одговорни.

– Ова е сепак нешто што ни укажува дека сите ние сме одговорни. Имало пациент кој запалил цигара. Среќа имало лица кои интервенирале и се спречила трагедија. Секој од нас треба да биде одговорен во оваа ситуација во однос на постапките, рече Филипче.

Тој додаде дека во собата имало и други пациенти, но не се повредени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.