Филипче: За зачувување на здравјето на децата клучно е да се почитуваат протоколите

Строго почитување на постапките предвидени за повторно отворање на градинките под посебни мерки за превенција против ковид-19, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче по одлуката на владата градинките да се отворат на 9 септември.

Тој рече дека е клучно да се почитуваат протоколите  за да се зачува здравјето на децата, и нивните семејства.

– Потребно е наставниците и родителите на достапен начин да им објаснат на децата за да го разберат новиот начин на живот – рече Филипче.

Покрај основните мерки кои треба да ги преземат градинките за почеток на работа и одвивање на процесот на згрижување, како што рече министерот, важно е родителите и наставниците да внимаваат на промените на здравјето кај децата.

– Доколку родителите забележат забележат појава на симптоми кај детето (зголемена температура, повраќање или пролив и др.) не треба да го носат детето во градинка и веднаш да го контактира матичниот педијатар. При секое ново вклучување на детето во градинка, по болест родителот треба да донесе лекарска потврда од матичниот лекар – рече Филипче.

Градинките, подвлече Филипче, треба да имаат назначено лице за контакт со институциите кои ќе реагираат во случаи да се појави заболено дете од ковид -19.

– Во случај на промена во здравствената состојба (зголемена температура) да се изолира детето во просторијата за изолација, веднаш да се извести родителот, доколку детето има температура се препорачува мерењето на температурата да биде со безконтактен термометар, доколку температурата на телото се мери со обичен термометар, потребна е дезинфекција на термометар како и миење или дезинфекција на рацете.Да се провери здравјето на другите деца во групата и да се изолираат сите сомнителни случаи. Во случај на потврда на инфекција ковид-19, ќе треба да се извести надлежната епидемиолошка служба во Центарот за јавно здравје која ќе даде понатамошни насоки за функционирање на установата и што треба да се преземе за лечење на детето- појасни Филипче.

Тој препорача градинките да го користат убавото време за игри на децата на отворено, главно во помали групи и да не се користат играчки кои не можат да се дезинфицираат.

– Главно за зачувување на здравјето на децата е  да се почитуваат протоколите определени за установата, вработените во неа и родителите – рече Филипче..