Министерот за правда Игор Филков на покана на министерот за правда на Унгарија, Бенце Тузсон учествуваше на Меѓународната конференција ,, Правна конкурентност-Правни инструменти за поконкурентна Европа” која се одржува во Будимпешта. Оваа значајна конференција, организирана во рамки на Унгарското претседателство со Советот на ЕУ, на едно место собра голем број министри и делегации од Европа со цел да се истражат новите регулаторни трендови поттикнувајќи дебата за подобрување на правните рамки .
Министерот за правда, Игор Филков во своето обраќање се осврна на предизвиците и новитетите кои ги носи дигиталната ера, како и реформите во правосудството.
,, Од првиот ден откако го добив мандатот за водење на ресорот правда, започнавме со реформите за поставување на независен правосуден систем, заснован на целисходни и сеопфатни анализи, јавни дебати со стручната јавност и граѓанското општество и се стремиме кон постепено достигнување на посакуваните ефекти и резултати. Реформите во правосудството и неговата правна рамка, се одвиваат во согласност со Развојната Секторска Стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028. “
Говорејќи за нашиот пат кон евроинтеграциите и проширувањето, министерот Филков изрази надеж дека заедничките интереси ќе се издигнат над националните интереси на одредени земји-членки со што ќе преминеме во наредната фаза од преговорите со отворањето на првиот кластер.
,,Доаѓам од држава и сум дел од една нација, која навистина долг период, речиси 20 години, настојува да исполни еден стремеж и аспирација за интеграција и рамноправно место во Унијата во која што припаѓа. Во трасата кон достигнувањето на нашата крајна цел, членството во Европската Унија, соочени сме со низа предизвици и предуслови, чие исполнување е очекувано и прифатливо. Меѓутоа, подигнувањето на нашата лична определба и чувство за припадност како народ и нација, на ниво на билатерална пречка за нашите натамошни европски перспективи, ќе се сложите сите дека се коси со идеите и вредностите на кои почива Европската Унија“ потенцираше Филков.
Министерот се осврна и на прашањето за дерегулација при што укажа дека во правото таа се постигнува исклучиво преку примената на квалитетната правна рамка, како главна задача на судовите, односно судиите. Филков истакна дека:
„ Квалитетот на правната рамка, треба да обезбеди јасност, да поттикнува иновации и поддржува долгорочен раст. Како што се соочуваме со нови предизвици—независно дали се предизвикани од технолошките промени или од одредени влијанија врз екологијата, нашата правна рамка мора да се прилагоди на овие промени, без да ги загрози основните вредности како правдата, човековите права и слободите. Процесот на дерегулација ги обврзува системите, сепак да утврдат минимум заеднички правила, по кои ќе се овозможи заедничката соработка, што ќе доведе до зајакнати економии преку заштита на конкуренцијата.“
На крајот, Филков истакна дека: „Живееме во динамични времиња, политичката реалност се менува, и во тој контекст неминовно е соодветно адаптирање на процесот на креирање на правната рамка и нејзината примена во пракса. Ова, особено имајќи го предвид септемврискиот извештај на господинот Марио Драги, за иднината на конкурентноста на ЕУ, кој укажува на тоа дека не се работи за дерегулација, туку дека се работи за обезбедување на вистинска равнотежа помеѓу внимателноста и иновациите, и во обезбедување на доследна примена на регулативата во Европа.“
На дводневната конференција во Будимпешта учесниците дебатираа и за вештачката интелигенција како двигател на конкурентноста, дигиталниот закон на ЕУ, подобрување на квалитетот на правните прописи, новите регулаторни трендови и улогата на технологијата во правото.