Филмот „Super Mario Bros. Film“ на американското филмско студио „Universal“ во текот на својот прв викенд во кино-салите постигнал толкава гледаност во Северна Америка што аналитичарите велат дека може да стане најгледаниот филм во 2023 година, иако влегуваме во само втората седмица од април.
Анимираниот филм кој е заедничка продукција на „Universal“, „Nintendo“ и „Illumination studio“, заработил околу 146,6 милиони долари од продажба на влезници во текот на велигденскиот викенд во Северна Америка, а 204,6 милиони долари во првите пет дена од почетокот на прикажувањето., соопшти во неделата компанијата којашто се занимава со анализа на филмската индустрија „Exhibitor Relations“ додавајќи дека „лесно ќе биде филм број еден во 2023-та“.
„Бројките се сензационални“, согласен е аналитичарот Дејвид Грос. Според него, станува збор за „досега најдобрите резултати за анимиран филм, главно поради фактот што привлекол различни групи гледачи: семејства, млади и постари, мажи и жени“.
Имајќи предвид дека се темели на една од најпопуларните видеоигри на сите времиња, „тоа е сонот на секој вработен во маркетингот“, додава Грос.
На второто место во текот на изминатиот викенд бил филмот „John Wick 4“ на канадско-американската компанија „Lionsgate“ кој од продажба на влезниците заработил околу 14,6 милиони долари, односно само десетина од она што го остварил „Super Mario Bros. Film“.
Трилерот е фален поради акциската кореографија, за којашто главно е заслужен режисерот и поранешен каскадер Чад Стахелски. Актерот Кијану Ривс игра платен убиец кој ќе се најде во судир со меѓународна злосторничка организација.