Данскиот филм „Уште една рунда“ триумфираше синоќа на Онлајн церемонијата на доделувањето на 33-те Европски филмски награди во Берлин, со освојување на четири главни награди – за најдобар европски филм, за најдобар актер – Мадс Микелсен, за најдобро сценарио и режија – Томас Винтерберг.
Наградите на Европската филмска академија (ЕФА) беа доделени во категориите: Иновативно раскажување, Најдобар европски документарен филм, Откритие на годината, Најдобра европска актерка, Актер, Сценарист, режисер и – Најдобар европски филм.
Домаќини на вечерта беа Вим Вендерс, Агњешка Холанд, Мајк Дауни и Марион Доринг, додека свечената церемонија од музејот Футуриум во Берлин ја водеше актерот и водител Стивен Гатјен.
– Многу сум трогнат од оваа награда за најдобар филм, и благодарам на ЕФА Академијата, јас сум исклучително горд, бидејќи ова е навистина силна конкуренција од моите колеги, а пред сè да им се заблагодарам на целиот мој тим, особено на мојот актер Мадс Микелсен – рече режисерот Винтерберг, по што тој одеднаш ги растажи сите, кога приказната доби сосема поинаков тек.
– Мојата ќерка почина додека го правевме овој фил“, рече тој, и завладеа молк меѓу луѓето во студиото, како и меѓу сите кандидати кои ја следеа церемонијата преку своите компјутери.
– Ние го снимивме филмот во нејзиното училиште, таа беше дел од овој проект, беше особено сакана од главниот актер Микелсен, но судбината сакаше таа повеќе да не биде со нас, продолжи режисерот, додека Микелсен започна да плаче поради оваа трагедија. .
– Единствено што вреди на крајот е да го посветам овој филм целосно на мојата ќерка, истакна режисерот.
– Исклучителен филм за радост, страдања, слава, живот и многу алкохол, накратко го опиша филмот „Уште една рунда“ одличниот режисер Вим Вендерс, автор на многу ремек-дела како што е „Небото над Берлин“ или „Париз-Тексас“.
Режисерот Винтерберг го напиша сценариото со неговиот редовен соработник – режисерот и писател Тобијас Линдхолм, исто така присутен од неговиот дом на оваа онлајн церемонија на доделување на наградите, и искрено му се заблагодари на продуцентот Каспер Дисинг.
Победничкиот филм беше во копродукција на Данска, Холандија и Шведска, а ко-писателот Линдхолм им се заблагодари на монтажерите кои „го направија овој филм за пијанствата – многу трезвен“.
Најдобра европска актерка е Паула Бир за нејзината комплексна улога во психолошката драма „Undine“. – Извинете што сум толку возбудена, но знаете, штотуку дознав од вас дека сум наградена за најдобра актерка, шармантно рече Бир, седејќи пред огромен постер за нејзиниот победнички филм „Undine“.
„Колектив“ на Александар Нанау (Романија, Луксембург) беше прогласен за најдобар европски долгометражен документарен филм, кој, како што пренесува Танјуг, беше изненаден, без зборови, воодушевен од наградата и само ја посочи моќта на истражувачкото новинарство како главна тема на неговото победничко дело.
Наградата „Европско откритие“ од страна на жирито на странски новинари и филмски критичари FIPRESCI ја доби филмот „Sole“ на италијанскиот режисер Карло Сирони, додека нововоспоставената награда за „Иновативно раскажување приказни на филм“ му припадна на Марк Кусинс за документарниот филм „Women Make Film: A New Road Movie Through Cinema (2018)).
Европската филмска академија и ЕФА Продакшнс од Берлин, заедно со Европскиот филмски фестивал од Севилја, ги организираа 33. Европски филмски награди, што се одржуваат секоја втора година, и сега, по првпат во својата историја, беше виртуелен поради пандемија.
Европската филмска академија е основана во 1988 година и денес се состои од повеќе од 3.800 европски филмски професионалци со заедничка цел да ја промовираат европската филмска култура.
Следните награди на Европската филмска академија ќе се одржат во Рејкјавик, Исланд, во 2022 година, што всушност беше планирано да биде домаќин во живо оваа година, но сè мораше да се одложи поради пандемијата на ковид-19.