Долгоочекуваниот биографски филм за единствената во историјата израелска премиерка Голда Меир, којашто на големиот екран ја отелотворува Хелен Мирен, ќе ја има својата премиера на Берлинскиот филмски фестивал во февруари.
Одлуката на израелскиот режисер Гај Натив за улогата на Меир, една од најважните личности во историјата на Државата Израел,, да ја избере Хелен Мирен којашто не е Еврејка, предизвика интерес но и контроверзии.
Нејзината британска колешка Морин Липман, позната по „Пијанистот“, а е позната и како борец против антисемитизмот, за списанието Jewish Chronicle неодамна изјави дека за Голда Меир религијата била интегрален дел од нејзината личност и посебност, како и дека смета оти не е исправно да ја толкува некој кој не е Евреин.
„Сигурна сум дека Хелен ќе биде одлична, но не би се дозволило Бен Кингсли да го глуми Нелсон Мандела. Тоа не се прави“, изјави Липман алудирајќи на актерот од англиско-индиско потекло кој го освои Оскарот за улогата на индискиот великан Махатма Ганди.
Мирен, која го освои Оскарот за улогата на покојната британска кралица Елизабета Втора во „Кралицата“, смета дека таквите прашања се легитимни и изјави дека и самата се прашувала дали е соодветно таа да ја глуми Меир.
Минатата година за весникот The Daily Mail Мриен раскажа дека на израелскиот режисер Гај Натив му кажала добро да размисли дали таа е вистинската личноста за оваа улога.
„Но тој ме сакаше токму мене во таа улога, и започнавме со снимањето“, рече тогаш Хелен Мирен.
Една од потписничките на декларацијата за израелската независност, Голда Меир, беше премиера во периодот од 1969 до 1974 година и власта и ја одбележа ткн Јомкупурската војна од 1973 година, кога Египет и Сирија ненадејно го нападнаа Израел и му нанесоа тешки загуби пред Израелците да направат пресврт на војната во своја полза.
„Голда“, филмот чиешто главно дејствие е сместено токму во тој период, во Берлин ќе биде прикажан надвор од конкуренција.
Берлиналето, првиот европски филмски фестивал во сезоната, започнува на 16-ти февруари. Со жирито годинава претседава американската актерка Кристен Стјуард, а режисерот Стивен Спилберг ќе ја добие почесната Златна мечка за животно дело.